Фото: Принтскрин

Министерот за животна средина и просторно планирање Муамет Хоџа, изјави дека случајот со загадувањето на водоводната мрежа во Гостивар претставува сериозен инцидент што директно го загрозил здравјето на илјадници граѓани и порача дека очекува темелна и транспарентна истрага.

 – Очекувам целосно да се утврдат сите факти и околности, како и кривична и морална одговорност за сите кои со своето постапување или непостапување придонеле за оваа состојба. Кога е загрозено здравјето на граѓаните, не смее да има компромиси, ниту прикривање на одговорноста – изјави Хоџа утрово на прес-конференција во Владата.

Тој истакна дека институциите внимателно го следат развојот на настаните и изрази загриженост за сите граѓани од Полошкиот регион кои се соочиле со последиците од загадувањето.

Министерот потсети дека, согласно законските надлежности, снабдувањето со вода за пиење, одржувањето на водоводните системи, како и собирањето и третманот на отпадните води се обврска на општините и јавните комунални претпријатија.

 – Општините се првата линија на одговорност за безбедното функционирање на овие системи и за заштитата на санитарните зони околу водните извори. Контролата на квалитетот на водата е законска обврска на Центрите за јавно здравје, кои треба континуирано да ја следат исправноста на водата и навреме да ја информираат јавноста доколку постои ризик – нагласи Хоџа.

Тој увери дека Владата ќе продолжи да ги презема сите мерки во рамките на своите надлежности сè до целосно расчистување на случајот.

Хоџа посочи дека Министерството за животна средина во моментов го реализира најголемиот инвестициски циклус во комуналната инфраструктура, со проекти за подобрување на водоснабдувањето, канализационите системи, пречистителните станици и заштитата на животната средина.

 – Инвестициите се важни, но не се доволни. Секој носител на јавна функција и секоја институција, и на централно и на локално ниво, мора професионално и законски да ги извршува своите надлежности. Само така можеме да спречиме вакви инциденти во иднина – порача министерот.

На прес-конференцијата присуствуваа и владината портпаролка Марија Митева, директорката на Државниот инспекторат за животна средина Ивана Гиновска и директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство Оливер Миланов.