Силното невреме проследено со поројни дождови, силен ветер, грмежи и град синоќа предизвика значителна материјална штета во Стар Дојран. На повеќе од десет локации беа откорнати десетици повеќегодишни дрвја, кои оштетија возила, настрешници, урбана опрема и објекти.
Според информациите од општинските власти, паднати јавори, борови, багреми и црници оштетиле дел од плажата, неколку автомобили, како и кровот на еден од дуќаните на градскиот пазар.
Од Доброволното противпожарно друштво „Дојран“, чии екипи први интервенираа на терен, информираат дека големи дрвја паднале во градскиот парк, на игралиштето со фитнес-справи, кај детскиот рингишпил на шеталиштето, како и во близина на хотелот „Романтик“ и пицеријата „Вавилон“.
Поради паднати дрвја, главниот пат низ Стар Дојран извесно време бил прооден само по една сообраќајна лента, а од безбедносни причини неколку часа бил прекинат и снабдувањето со електрична енергија.
– Стар Дојран беше зафатен од силно невреме проследено со обилни врнежи и силен ветер, кое за среќа помина без повредени, но со значителна материјална штета. Екипите на ДППД Дојран, доброволци и екипите на ЕВН веднаш излегоа на терен и започнаа со расчистување на паднатите дрвја и санирање на штетите. Ќе останат на терен сè додека не се расчистат последиците – објави градоначалникот на Дојран, Илија Тентов на својот фејсбук профил.
Тентов ги повика граѓаните да пријават непроодни улици, поплавени куќи и подруми, за надлежните служби да можат навремено да интервенираат.
































