Фото: Маја Јаневска Илиева

Во Гостивар засега нема да биде прогласена епидемија, бидејќи сè уште не е утврден причинителот на зголемениот број случаи со стомачни тегоби, изјави министерот за здравство Сашо Клековски по посетата на Општата болница во Гостивар, пренесе МИА.

Тој информираше дека бројот на пациенти со симптоми како дијареја, повраќање и температура останува стабилен од 13 јули наваму, кога биле регистрирани првите случаи.

-Над 200 граѓани дневно бараат медицинска помош. Во последните 24 часа на педијатрија се евидентирани околу 100 интервенции, а на Инфективното одделение уште 160 – изјави Клековски.

Според него, најголемиот дел од пациентите имаат полесна клиничка слика и по примена на инфузија, витамини и симптоматска терапија се пуштаат на домашно лекување.

Министерот оцени дека болницата располага со доволно медицински кадар и неопходна терапија за справување со состојбата, а ги повика граѓаните активно да соработуваат со епидемиолошките служби при спроведувањето на анкетите и дополнителните анализи.

Од вчера, покрај стандардните лабораториски испитувања, се земаат и примероци за копрокултура, како и анализи за аденовирус, ротавирус, бактерии, паразити и други можни причинители.

-Потребни се повеќе епидемиолошки анкети за да го утврдиме изворот и да ги поврземе можните фактори – рече министерот.

Во однос на шпекулациите дека причината можеби е храната, Клековски нагласи дека конечниот одговор треба да го дадат епидемиолозите.

-Ниту јас, ниту директорката на јавното претпријатие можеме да утврдиме што е причината. Тоа е работа на Центарот и Институтот за јавно здравје. Логично, сметам дека е малку веројатно илјада луѓе да се затрујат од иста храна, особено кога случаите траат веќе четири дена – изјави тој.

Клековски очекува првите поконкретни резултати од анализите на водата од гостиварскиот водовод да бидат познати во текот на понеделник.