Германија го зголеми националното безбедносно ниво од „општо ниво на закана“ на „висок степен на закана“, поради зголемениот број безбедносни извештаи и разузнавачки информации, соопшти германскиот министер за внатрешни работи Александар Добринт.
Во интервју за германскиот весник „Велт ам Зонтаг“, Добринт изјави дека новата проценка значи дека во Германија мора постојано да се смета на можноста од напад.
-Ова значи дека ризикот од напад мора да се зема предвид во секое време – истакна министерот.
Според него, разузнавачките служби јасно идентификувале планови за потенцијални напади, при што како можни цели се посочуваат критичната инфраструктура, институции и поединци.
Германските власти не соопштија дополнителни детали за природата на заканите, но нагласија дека безбедносните служби продолжуваат внимателно да ја следат состојбата и да преземаат превентивни мерки.
































