Убавините на островот Крит (прв дел)
Низ вековите бил познат под италијанското име Кандиа, во средновековниот период како Хандакс, додека на класичен латински се нарекувал Крета, на турски Кандије или Гирит.
Крит е еден од најголемите острови во Грција и петти најголем во Средоземјето. Остров со древна култура, историја, популарно туристичко одредиште, особено за младите. Има што да понуди Крит, од археолошки локалитети, венецијански замоци, шармантни градови, природни убавини, но и плажи, како Елафониси и Балос, кои се вбројуваат во најубавите во светот, потоа Франгокастело, Саракинико, Агиос Павлос, Алона… Остров со развиен туризам, земјоделство, угостителство, производство на маслинки… Значајно е што Крит бил центар на минојската цивилизација, најстарата форма на грчка и европска цивилизација. Низ вековите бил познат под италијанското име Кандиа, во средновековниот период како Хандакс, додека на класичен латински се нарекувал Крета, на турски Кандије или Гирит. Сега го носи името Крит. Топла препорака да го посетите островот, особено во јуни и септември кога температурите се пониски и е вистинско уживање да се откриваат убавините на островот. Таков беше и нашиот случај, кога поголема македонска група (меѓу кои бев и јас) на крајот на јуни се упати да ги открие убавините на Крит. И се вративме воодушевени. Имав чувство дека шетам низ ренесансни простори и низ венецијански градови што имаат душа. Но со раскажувањето да започнеме од почеток.
Ираклион главен град на Крит
По повеќечасовна пловидба со траект од Пиреа, близу Атина, стигнавме во главното островско пристаниште Ираклион, град главна порта на островот, место каде што се среќаваат старите цивилизации и новите современи градби. Тука со траекти или крузери стигнуваат илјадници туристи, а некои слетуваат со авион на аеродромот, кој е во близината на градот, во кој живеат околу 200.000 жители. Првиот впечаток – мирен, тивок град без вообичаени метежи, без многу туристи во тие утрински часови. А времето не е многу жешко, погодно за прошетка низ градот и за откривање на неговите убавини. Ираклион плени со тесните улички, венецијанските ѕидини, пристаништето, старата тврдина „Коулес“. Прошетката низ главната улица „25 Август“ е вистинско задоволство. Шетајќи низ неа се забележуваат повеќе објекти. Најпрво симболот на градот, фонтаната „Моросини“ од 16 век, со лавови, околу која има многубројни кафулиња. Решивме утринското кафе да го пиеме малку подоцна, по завршувањето на прошетката. Шетајќи може да се видат двата плоштада „Елефтериос Венизелос“ и „Калергион“, кои се преплетуваат еден со друг. Потоа Градската галерија, која претходно била црква, па џамија, а сега е музеј. Плени и раскошната Венецијанска градба од 1628 година, денес градско собрание со убав двор. И кога ќе стигнете до катедралата „Св. Тито“, е тогаш навистина ќе се изненадите, затоа што воопшто не личи на верски објект, туку на интересна градба. Првобитно била џамија, а од 1925 година е црква. Внатрешноста е богато изрезбарена со дрвен олтар, има и витражи, лустери и скулптури. Тука е и черепот на светецот… Продолжуваме по пешачката улица, која завршува кај Венецијанското пристаниште и тврдината. Убаво уредено место за одмор, релаксација и опуштање. Шетајќи покрај морето се слушаат звуците од брановите. Малку починка, а потоа разгледување на тврдината „Коулес“, која е музеј со стари топови и артефакти. Оттука има преубав поглед на морето, но и на поголемиот дел од градот. Наспроти се остатоците од венецијанското бродоградилиште. Ако ви остане време прошетајте покрај морето, по уредената патека, или посетете го Историскиот музеј на Крит. Ако ве интересира древната цивилизација, појдете до Кносос, кој се наоѓа на пет-шест километри од Ираклион. Ќе уживате во остатоците од минејската култура. Но ние бидејќи требаше да стигнеме до Херсонисос, по пиењето на грчкото традиционално кафе и вкусувањето баничка со козјо сирење, го продолживме патот кон нашето одредиште.

Херсонисос – место за одмор и релаксација
Херсонисос е популарно туристичко место на северниот брег на Крит, на 30 километри од Ираклион. Пристигнавме околу пладне, се сместивме во резервираниот хотел и така започна нашиот седумдневен престој на Крит, исполнет со убави моменти, прошетки, капење, одмор и релаксација. Има убави плажи во Херсонисос, иако дел карпести. Но она што е најважно за ова туристичко место е што, освен плажите, навечер нуди богат ноќен живот, не само во таверните и кафулињата покрај морето туку и во ноќните клубови, кои нудат целовечерни програми.
Плажите се со чиста вода, убаво уредени со лежалки, кои се наплаќаа по 14-15 евра или ако сте во соодветен хотел се вклучени во услугите. Има и слободен дел, кој посетителите можат да го користат за капење во убавата сина вода, да уживаат во сонцето, да впиваат витамин Д и да уживаат во убавите глетки што ги опкружуваат плажите. Низ Херсонисос ќе видите раскошни хотели, гостилници, а во вечерните часови можете да уживате шетајќи низ уредениот простор и влегувајќи низ продавниците со сувенири.
А во Херсонисос можат да се откриваат и другите убавини, како старото римско пристаниште, римскиот амфитеатар, етнографскиот музеј „Ликоностасис“, кој со сите експонати ја отсликува критската историја. Убава е и прошетката низ селцата во височинката, старото Ана Херсонисос, Пископиано и Коутоулоуфари, преполни со многубројни таверни, кои нудат вечерни забави со традиционални танци.
(Продолжува)
































