„Ловецот во ’ржта“, според Џ.Д. Селинџер, во режија на Мартин Кочовски, е новата претстава што театарот „Војдан Чернодрински“ ја изведе премиерно на големата сцена од ЦК „Марко Цепенков“.
Текстот, вели режисерот Мартин Кочовски, е цивилизациски важен, популарен, бидејќи обработува тема за невозможниот бунт на индивидуалецот против општеството.
– Текстот има оставено голем белег врз културата, особено поп-културата. Го одбрав театарот „Војдан Чернодрински“ за да го поставам поради квалитетот на актерската екипа, која може и знае да работи ваков текст и го докажува тоа во реалноста. Се работи за бунтот на една театарска екипа во општеството. Во овој театар се бориме да го артикулираме нашиот глас, во општество каде што тешко можеме да бидеме гласни, а ние сепак сме гласни. Публиката ќе види енергична, но наедно лирска и епска претстава, преполна со различни жанрови – вели режисерот.
„Ловецот во ’ржта“ е побуна против конвенциите на средината – општествена, економска и интелектуална. Холден Колфилд е осамен и изолиран херој, или антихерој, или ни едното ни другото, кој не сака да ја прифати бесмисленоста на која постојано наидува – како во својата фамилија така и во училиштата од кои го исфрлаат, во њујоршките локали и секаде каде што се движи. Исклучок од таа бесмисленост е единствено неговата помала сестра Фиби, која сака да ја заштити од средината во која тој самиот израснал. Некаде меѓу детството и зрелоста, човек губи нешто што никогаш повеќе не успева да го има. Не станува збор за невиност, ниту за носталгично гледање кон минатото. Се работи за една форма на непосредност во односот кон светот – способноста да се гледа без однапред прифатени категории, безгрижно и љубопитно, да се именува лицемерството без страв, според сопственото чувство за вистина, правичност и сочувство, споделува драматургот Лидија Митоска-Ѓорѓиевска.

– Штом созревањето подразбира такви одрекувања и компромиси, прашање е што останува од нас кога ќе ги исполниме сите општествени очекувања. Холден Колфилд на моменти наликува на детинест, добродушен бељаџија, кој постојано ги преиспитува и заобиколува општествените норми, но истовремено покажува раскошна природа на незапирлив багабонт што предизвикува восхит со својата животна енергија. Неговата нетрпеливост не е насочена кон авторитетот сам по себе, туку кон лицемерството што станало негова основна одлика. Тој нема намера да ја прифати идејата дека сме осудени да живееме во свет во кој искреноста и индивидуалноста мора да бидат жртвувани во замена за сигурност и чувство на припадност. Она што најмногу восхитува кај Холден Колфилд е начинот на кој доживува и раскажува, како и неговата способност вешто да се изолира од светот кога ќе го посака тоа. За некаков дуализам во ликот на Холден, се разбира, не станува ни збор: неговото Јас не е целина, туку еден комплексен свет на многукратност и хаос од форми и состојби. Токму во тоа се состои и длабоката сила на „Ловецот во ’ржта“ – во можноста да се разбере позицијата на човекот распнат меѓу својата комплексна природа составена од противречности и општеството, кое секогаш настојува да ја редуцира и некако да ја вкалапи таа комплексност – потенцира Лидија Митоска-Ѓорѓиевска.
Сценографијата е на Филип Јовановски, костимографијата и светлото се на Јулијана Војкова, автор на музиката, кахон: Пеце Брада Трајковски, пијано, микрокорг: Давид Скерлевски, вокал, сантур: Ана Митоска, саксофон, тромбон: Илија Волчески, гитара: Димитар Ѓорѓиевски.
Во претставата играат Наташа Ачански, Илија Волчески, Димитар Ѓорѓиевски, Теона Крстеска, Михајло Миленкоски, Ана Митоска, Јасмина Мицовска Станкоска, Марија Спиркоска Илијеска, Здравко Стојмиров, Александар Тодески и Игор Трпчески.
Претставата е дел од годишната програма за работа на театарот „Војдан Чернодрински“ и ЦК „Марко Цепенков“ и е поддржана од Министерството за култура и туризам. Ка.М.