Европскиот налог за безусловно впишување на Бугарите во Уставот виси како Дамоклов меч над главата на Република Македонија (сега Северна). Понудените алтернативи од македонска страна имаат одек, но не наоѓаат разбирање кај најмоќните западноевропски држави и кај бриселската бирократија сместена во комисијата и во парламентот на ЕУ. Нивната политичка одлука за бараните промени на Уставот нема никаква допирна точка со реалната состојба на теренот, со бројот на Бугарите во Македонија, со нивната застапеност во државните институции. Македонските Бугари не се изложени на национална загроза, не се социјално на долните скали на општеството, ниту се ограничени во слободата на мислењето, изразувањето и дејствувањето.
Не сум љубител на бројки, но тие често се користат како неприкосновен извор од кој извира вистината. Но оние статистички податоци што ќе ги видите подолу говорат како бројките може да се злоупотребуваат, да се преувеличуваат и да се користат во пропагандни антимакедонски цели.
Како што е познато, според последниот попис од 2021 година, во Северна Македонија живеат вкупно 3.504 лица што се изјасниле како Бугари. Тие 3.504 попишани како Бугари сочинуваат 0,19 отсто од вкупното резидентно население на земјава. Поделено по пол, 2.121 од изјаснетите како Бугари се мажи, а 1.383 се жени. Нема податоци колку од попишаните се деца. Тие се причината, тие се браната што ја спречува Република Македонија да се движи кон ЕУ, таа е бројката што ја злоупотребува бугарската официјална политика во своите национални и територијални аспирации кон Македонија.
Неофицијално тие сами се нарекуваат себеси македонски Бугари, иако папочната врска ја бараат во Бугарија е не во Македонија, како нивна родна земја. Голем дел од нив не ја признаваат македонската нација, уште помалку го признаваат македонскиот јазик, иако не го знаат бугарскиот, ниту говорниот ниту пишуваниот. Најголемиот број лица што се изјаснуваат како Бугари се сконцентрирани во Струмичко, а речиси нема град каде што не живее семејство што по чувство и по определба му припаѓа на бугарскиот народ.
Значи, нема определена територија каде што се мнозинство, не се во еден град, во едно село, не живеат во посебна енклава. Тие се целосно интегрирани во македонскиот уставен и државен систем и во општествениот живот, работат во македонски државни институции, примаат плати, користат други бенефиции. Меѓу македонските Бугари има професори на државните универзитети, афирмирани лекари, раководители на културни установи, писатели, дури и членови на Владата или на нејзините министерства. Водат банки и богати фирми, слободни се на пазарот на трудот, речиси и да нема поплака за некаква колективна национална, професионална или лична дискриминација.
Од друга страна, според неофицијални податоци, над 150 илјади „чисти“ Македонци поседуваат бугарски државјанства, односно пасоши со кои може да патуваат и да работат во земјите членки на ЕУ. Иако тие бројки се во бугарска корист, прашање е колку од тие што добиле пасош или поднеле молби се чувствуваат Бугари, а колку на таков чекор се решиле од економски причини. За дел од македонската јавност останува нејасно зошто македонските власти се однесуваат лежерно, го дозволија (и дозволуваат) овој национален егзодус. Една друга бројка оди во друг прилог. За парламентарните избори во Бугарија во 2021 година, бројот на пријавени гласачи во бугарската амбасада во Скопје изнесувал само 328 лица. Слична е бројката за сите шест-седум избори што се одржаа последователно кај источниот сосед во последните пет години.
За разлика од овие мали бројки на Бугари во Македонија, строгата статистика од архивите ни претставува сосема поинаква состојба. Имено, во декември 1946 година, во Народна Република Бугарија е извршен првиот повоен попис на населението. Од вкупно 252.908 жители во Пиринска Македонија, 160.541 лице, односно 70 отсто, се изјасниле како етнички Македонци.
На пописот на населението во 1956 година во Пиринска Македонија, властите фаворизирале бугарска самоопределба на населението, при што вршеле притисок врз Македонците да се попишат како Бугари. Целта на нивната Комунистичка партија била да ја „исправи грешката“ од последниот попис, кој го сметала за нереален, при што мнозинството биле запишани како Македонци. Сепак, и покрај притисоците, од вкупно 281.015 жители, како Македонци се изјасниле 178.862, или 63 отсто од целокупното пиринско население. БКП, која очекувала „исправање“ од претходниот попис, била изненадена од резултатот. Во 2010 година, бугарскиот историчар Чавдар Маринов за првпат објавува архивски документи каде што се заклучува дека вкупната бројка од 187,789 Македонци на пописот претставува резултат од слободно самоидентификување. Денес, Бугарија не ги прифаќа резултатите од тие пописи, со аргументи дека биле спроведувани на недемократски начин во услови на сталинистички репресии.
А се случувало токму обратното. Бугарската држава вршела масовен прогон на македонското население од Пиринска Македонија. Во други региони и градови насилно се населени жители на Благоевград, на Банско, на Петрич, од разни големи и мали села. Илјадници лица што се изјаснувале како Македонци лежеле по логори, по затвори, со одземени државни, социјални и лични права. Ако денешната бугарска политика лаже, архивите не лажат.
Бројката од три илјади и петстотини македонски жители национално изјаснети како Бугари во никој случај не би требало да биде проблем за државата Македонија. Како што не би било проблем за која било друга држава во која би живеело инородно население во толкава бројка. Но кај нас во прашање е нешто сосема друго. Бугарската политика и дипломатија мошне умешно ги искористија незнаењето, неснаоѓањето и (можеби намерата) на македонските поранешни власти предводен од Зоран Заев, Димитар Ковачевски и од Бујар Османи за да ја отворат вратата за нивно влијание во Македонија.
Заблуда е дека Бугарија бара права за своите луѓе во Македонија, за тие 3.504 илјади души. Преку нив таа бара да се сатанизира Македонија пред очите на Европа, да се поттикне нова епизода во негирањето на македонската самостојна национална историја, да се потврди непризнавањето на јазикот и писмото, на културните традиции и на ред други национални достигнувања на македонскиот народ, постигнати во последните 80–90 години. Бугарската политичка, дипломатска и културолошка немилосрдна машинерија не е масовно активирана само за наводен спас на загрозените Бугари во Македонија. Зад таа завеса јасно се наѕираат контурите на санстефанските минати ветрови.
































