Две продавници во центарот на Атина биле нападнати рано утрово со експлозивни направи, соопшти грчката полиција. Во инцидентите нема повредени лица.
Првиот напад се случил во 4.25 часот по локално време, кога била фрлена рачна граната врз продавница за здрава храна на улицата Ахарнон. Во објектот во тој момент се наоѓал и припадник на обезбедувањето, со сириско потекло.
Само половина час подоцна, во 4.55 часот, бил пријавен втор инцидент во областа Агиос Пантеиламонас. Според полицијата, непознат сторител фрлил експлозивна направа врз бар чиј сопственик е лице со сириско потекло.
Полицијата спроведува истрага за двата инцидента и работи на утврдување на идентитетот на сторителот, како и на мотивите за нападите.
































