Фото: ЕПА

Поранешниот командант на Војската на Република Српска, Ратко Младиќ, денеска беше погребан на Топчидерските гробишта во Белград, во присуство на членовите на неговото семејство, политичари, поранешни воени старешини и неколку илјади граѓани.

Погребот го организираше семејството на Младиќ и, според српските власти, не станувало збор за државен погреб ниту за погреб со државни почести. Сепак, на церемонијата учествуваа припадници на Војската на Србија, а ковчегот беше покриен со знамињата на Србија и на Република Српска.

Претходно, телото на Младиќ беше изложено во црквата „Свети апостол Лука“ во белградската населба Кошутњак, каде што граѓаните му оддаваа почит. Верскиот обред го предводеше поглаварот на Српската православна црква, патријархот Порфириј.

По богослужбата, погребната поворка се упати кон Топчидерските гробишта. Во неа имаше голем број граѓани со знамиња на Србија и на Република Српска, како и фотографии и транспаренти со ликот на Младиќ.

Ковчегот до гробното место го носеа униформирани припадници на српската војска. За време на церемонијата беше изведена песната „Тамо далеко“, а беше истрелан и почесен плотун. Овие елементи беа дел од погребната церемонија, иако властите нагласија дека таа немала статус на официјален државен погреб.

Фото: ЕПА

Младиќ беше погребан до својата ќерка Ана Младиќ, која почина во 1994 година. Пред присутните се обратија неговиот син Дарко Младиќ и поранешниот генерал-потполковник Петар Шкрбиќ.

На погребот присуствуваа претседателот на Република Српска Милорад Додик, неколку министри во Владата на Србија, меѓу кои Братислав Гашиќ, Ненад Вујиќ и Никола Селаковиќ, рускиот амбасадор во Белград Александар Боцан-Харченко, како и други политички и јавни личности.

Меѓу присутните беше и Данило Вучиќ, синот на српскиот претседател Александар Вучиќ. Српскиот претседател не присуствуваше на погребот.

Ратко Младиќ почина на 27 август, на 84-годишна возраст, во притворската единица на Обединетите нации во Хаг. Тој таму издржуваше доживотна затворска казна изречена за геноцид, злосторства против човештвото и воени злосторства извршени за време на војната во Босна и Херцеговина.

Меѓународниот кривичен трибунал за поранешна Југославија во 2017 година го прогласи Младиќ за виновен за геноцидот во Сребреница, каде што во јули 1995 година беа убиени повеќе од 8.000 бошњачки мажи и момчиња. Беше осуден и за прогон, убиства, тероризирање на цивилното население и земање припадници на мировните сили на ОН како заложници.

Во пресудата беше опфатена и опсадата на Сараево, која траеше речиси четири години и во која загинаа повеќе од 11.000 луѓе. Жалбениот совет во 2021 година ја потврди пресудата и доживотната казна.

По смртта на Младиќ, неговото тело беше пренесено од Хаг во Белград со авион на српската Влада. Овој потег, како и присуството на претставници на власта и на војската на погребот, предизвикаа реакции во регионот и во Европската Унија. Европската комисија соопшти дека величањето лица осудени за воени злосторства, негирањето на геноцидот и ревизионизмот се спротивни на европските вредности и на обврските што ги имаат земјите кандидати за членство во ЕУ. Еврокомесарката за проширување Марта Кос ја одложи планираната посета на Србија, посочувајќи го односот на српските власти кон смртта и погребот на Младиќ, како и користењето владин авион за пренесување на неговото тело.

Здружението „Мајки на Сребреница“ го осуди величањето на Младиќ и оцени дека оддавањето јавни почести на правосилно осуден воен злосторник претставува навреда за жртвите и нивните семејства. Министерот за надворешни работи на Босна и Херцеговина, Елмедин Конаковиќ, најави повлекување на најголем дел од дипломатскиот персонал од амбасадата во Белград, во знак на протест поради односот на српските власти кон погребот.