Една од клучните спреги на научната фантастика е и религијата. Иако навидум се чини дека религијата и научната фантастика се сосема различни стојалишта во поглед на предикцијата на иднината, во многу сегменти религијата, мислам пред сѐ на христијанската религија, е семантички аналогна на аксиомите на научната фантастика. Како жанр на иднината, научната фантастика често се смета како „пророштво за иднината“, односно како перспектива кон иднината.
Но научната фантастика не се занимава со класично предвидување (односно пророштво), таа е митолошка бидејќи претпоставува сценарио што би се случило доколку се следат моменталните состојби. Впрочем, научната фантастика преку социјалната критика на денешницата објаснува што би се случило кога човекот ќе продолжи да ги прави современите избори и да ги создава истите импликации. Општо е познато дека религијата се спротиставува на пророштвата за иднината бидејќи таа ја става верата пред знаењето (грч. гносис).
Според христијанската проповед, човекот треба да верува во божјата волја и промисла, без да се обидува да ја дознава сопствената иднина. Во религијата се меша рамнотежата во застапеност на идејата за предестинираност (судбина), личниот живот што е детерминиран од божјата волја и малиот простор за слободна волја што човекот ја има. Кога станува збор за иднината, човекот живее во смисла што е зададена, но сепак може да направи избор дали да го следи божјиот пат во есхатолошка смисла, како пат кон спасението. Во таа смисла, религијата повеќе се занимава со духовниот изглед на иднината на човекот, преку спасението, додека научната фантастика пророштвото за иднината го поставува како сценарио, чиста слика и јасен изглед на иднината преку рефлексија од сегашноста.
Во филозофијата, Ниче и Киркегор со своите теории ја покриваат оваа паралела помеѓу научната фантастика и религијата. Ниче вели дека „Бог е мртов“, не како онтологија и егзистенција, туку како укинување на наративот, доминантно догматски за Бог што уредува, промислува, наградува и казнува и создавање нов наратив во кој човекот ќе биде централната тема на својата автопроекција.
Кога Ниче мисли на автопроекција на човечкото постоење, не тврди антропоцентиризам, ренесансно стојалиште во кое човекот свртувајќи се кон себе станува фасциниран, туку како сопствен производ во кој човекот се создава самиот себеси како ствар, како систем или како проект.
Кога Киркегор вели дека религијата како трета и последна фаза од егзистенцијата на човекот значи скок во вера, од друга страна научната фантастика во согласност со оваа терминологија би значела „скок во можност“. Главната разлика е што, според библиските и религиските пророштва, извесно е дека пророштвото ќе се оствари, а човекот тоа го прима преку верата, додека научната фантастика не гарантира дека сценариото што го поставува сигурно ќе се оствари, односно како критички жанр најчесто порачува „подобро да не се оствари“ или реторички „ова сигурно не го посакувате“.
Затоа, религијата и научната фантастика може да се разберат како две комплементарни човечки стратегии за мислење на иднината, едната втемелена во вера и есхатолошка смисла, а другата во можност, сценарио и критичка рефлексија на сегашноста, кои заедно го обликуваат човечкото разбирање на времето и постоењето.
Магдалена Стојмановиќ-Константинов

































