Бројот на загинати во двата силни земјотреси што ја погодија Венецуела се зголеми на 3.889 лица, додека 16.740 се повредени, а 17.907 останале без домови, покажуваат најновите официјални податоци.
Панамериканската здравствена организација (ПАХО) предупреди дека по катастрофата постои зголемен ризик од ширење на заразни болести поради прекините во здравствените услуги, пренатрупаните привремени засолништа и недостигот од чиста вода.
Организацијата, во соработка со венецуелските здравствени власти, го следи ризикот од појава на респираторни и дигестивни заболувања, особено во повеќе од 80-те привремени засолништа каде што се сместени раселените граѓани. Меѓу приоритетите е и обезбедувањето вакцини, имајќи предвид дека стапката на вакцинација во земјата била ниска и пред земјотресите.
Од ПАХО предупредуваат дека долготрајната економска криза и недостигот од здравствен кадар дополнително го оптоваруваат здравствениот систем, кој се соочува со сериозни предизвици во згрижувањето на повредените.
Првиот земјотрес со магнитуда од 7,2 степени ја погоди Венецуела на 24 јуни, по што следуваше втор потрес со јачина од 7,5 степени според Рихтеровата скала, како и серија последователни потреси. Според Американскиот геолошки институт, земјотресот од 7,5 степени е најсилниот регистриран во земјата во последните повеќе од 100 години.

































