Американското Министерство за правда соопшти дека осум лица се обвинети за наводен заговор за напад врз настан на Ултимејт фајтинг шампионатот (УФЦ), кој се одржал пред Белата куќа во присуство на американскиот претседател Доналд Трамп.
Според обвинителството, осомничените планирале да употребат беспилотни летала со експлозив за да предизвикаат евакуација на присутните, по што снајперисти требало да ги нападнат лицата означени како „високоприоритетни цели“ при напуштањето на локацијата.
Претходно беа уапсени седуммина осомничени, а осмиот, 21-годишен маж за кого обвинителите тврдат дека имал улога на снајперист, е приведен оваа недела во сојузната држава Западна Вирџинија.
Настанот се одржа на 14 јуни во специјално изградена арена пред Белата куќа, во присуство на претседателот Трамп, членови на неговото семејство и високи претставници на американската администрација. Организаторите го претставија како дел од одбележувањето на 250-годишнината од независноста на САД.

































