Израел ја предупредил американската администрација за наводен ирански план за атентат врз претседателот Доналд Трамп, објавија Си-Ен-Ен и „Волстрит џурнал“, повикувајќи се на неименувани извори. Веста ја пренесе и германската новинска агенција ДПА.
Според извештаите, предупредувањето од израелска страна содржело информации за конкретен наводен план, иако детали за него не биле јавно објавени. Американски функционер за Си-Ен-Ен изјавил дека Вашингтон и претходно добивал слични предупредувања во последните недели, но дека ова било поразлично поради наводната конкретност на информациите.
Друг американски функционер посочил дека предупредувањето би можело да се толкува и како обид за влијание врз одлуките на Трамп во однос на политиката кон Иран. Во меѓувреме, израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху јавно се залага за поостар пристап кон Техеран, а медиумите наведуваат дека меѓу него и Трамп постоеле несогласувања околу ова прашање.
Трамп дополнително ги поттикна шпекулациите за безбедносни закани откако не го искористи новиот претседателски авион „Ер Форс Уан“ при враќањето од самитот на НАТО во Анкара. Тој изјави: „Јас сум број еден на листата за отстрел на Иран.“ Притоа не даде дополнителни детали.
Засега нема официјална потврда од американските или иранските власти за постоење на таков заговор, а објавените информации се темелат на изјави на анонимни извори цитирани од американските медиуми.

































