Во судницата во „Идризово“ денеска продолжи судењето за пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани, во кој на 16 март 2025 година загинаа 63 лица, а над 200 беа повредени. Постапката се наоѓа во фаза на изведување материјални докази од страна на Обвинителството.
Обвинителството презентираше документација обезбедена од Министерството за економија и труд – сектор за туризам и угостителство, која се однесува на почетокот на работењето на објектот и околностите околу издавањето лиценци, иако, како што беше посочено во судница, не биле исполнети минималните технички услови за работа, пренесе МИА.
Обвинителката Наташа Сарамандова презентираше повеќе докази, меѓу кои и барање од 10 октомври 2012 година поднесено од сопственикот Дејан Јованов за издавање лиценца за кабаре. Според Обвинителството, во барањето се наведува дека се работи за објект на улица „Димитар Влахов б.б.“, при што биле штиклирани сите услови, освен обезбедување доволен број излези за евакуација за капацитет од 200 посетители.
Одбраната побара да се читаат и дополнителни делови од документите, но Обвинителството се спротивстави со став дека не е практика секој доказ да се чита во целост.
Во текот на постапката беа презентирани и дописи и записници од институции, меѓу кои Општина Кочани, Државниот пазарен инспекторат и Министерството за економија. Во нив, како што истакна Обвинителството, се констатира дека објектот не ги исполнувал минимално техничките услови за вршење угостителска дејност, поради што барањето за лиценца било одбиено.
Обвинителката посочи дека документацијата покажува оти постоеле институционални контроли и негативни решенија, при што нагласи дека објектот не смеел да започне со работа без исполнети услови. Овој дел од излагањето предизвика реакција од одбраната, која оцени дека презентацијата е еднострана и побара пауза, по што поднесе барање за изземање на обвинителката поради наводна пристрасност.
На почетокот на рочиштето Судот изрази сочувство до семејството на починатиот обвинет Љупчо Грнчиштанов и информираше дека кривичната постапка против него се запира по известување од МВР.
Во судницата беа разгледувани и барања за мерки на претпазливост од дел од обвинетите, меѓу кои и барања за враќање на патни исправи и укинување на забрана за напуштање на живеалиште, наведувајќи лични и здравствени околности.
Судењето продолжува со изведување материјални докази од Обвинителството.
































