ШАХ – СВЕТСКО ПРВЕНСТВО ЗА МЛАДИ
- Од петте македонски претставници, по четвртото коло Жежовска е најдобропласирана, 40-та, со 2,5 поена
Женскиот ФИДЕ-мајстор (ЖФМ) Моника Жежовска (1.978 рејтинг-поени) и Никола Павлески (1.971), и двајцата во возрасната категорија до 18 години, ги впишаа вторите победи на Светското првенство (СП) во шах за млади (до 12, 14, 16 и до 18 години, момчиња и девојчиња), кое во 11 кола се игра во Монтенсилвано, Италија. Жежовска со црни фигури во сицилијанска одбрана ја принуди на капитулација во 32-от потег,Норвежанката Кристине Нордал (1.803), додека Павлески со црни фигури славеше по вторпат во низа над повисокорангираниот Никола Лесковац (2.206) од Србија. Половина поен до 16 години освои Кристијан Кавазов (1.871) како „бел“ против Американецот Сујуан Гуи (2.083). Партиите ги загубија Даниел Стефаноски (1.860) со бели фигури од Мексиканецот Даниел Диаз Гуереро (2.102) до 14 години и Наде Смилевска како „бела“ од Литванката Ула Рудзинскаите (1.802) во категоријата до осум години.
Од петте македонски претставници, по четвртото коло во своите категории, Жежовска е на 40-то место со 2,5 поена, Павлески е 75-ти со два, по 1,5 поен имаат Стефаноски, кој е на 97-то и Кавазов на 113-то место, додека Смилевска е 89-та со еден поен. На СП играат вкупно 758 шахисти (два ВМ, 22 ИМ, 14 ЖИМ, 103 ФМ, 61 ЖФМ) од 83 шаховски федерации. Г.И.


































