- Од рационализација на календарот до поголеми инвестиции во одржливи горива и решенија за алтернативна енергија, го намаливме нашиот отпечаток, а спортот продолжува да расте и да достигнува нова публика низ целиот свет, рече претседателот и извршен директор на Ф1, Стефано Доменикали
Формула 1 вели дека е на пат да ја исполни својата обврска за нето нула јаглерод до 2030 година, пишува „Би-би-си“. Нејзиниот годишен преглед на сезоната за 2025 година покажа намалување од 35 отсто на јаглеродниот отпечаток на спортот од основната линија во 2018 година и намалување од 12 проценти од 2024 година. Вкупните емисии на јаглерод диоксид се намалија од 228.793 тони во 2018 година на 148.805 во 2025 година.
Емисиите од сопствените операции на Ф1, како и од фабриките, операциите и патувањата на сите тимови се вклучени во бројките. Меѓу факторите што влијаат на бројките се префрлањето од воздушен на морски превоз, инвестициите во одржливо гориво за авијација и ревизиите на распоредот, пишува „Би-би-си“.
Емисиите од фабриките и објектите се намалија за 64 отсто во споредба со 2018 година и за 14 проценти на годишно ниво, се наведува во соопштението. Емисиите од логистиката се намалени за 21 отсто на годишно ниво и за 29 отсто од 2018 година. Пример за потезите што ги презема Ф1 за намалување на емисиите е географското групирање на календарот со трки, така што товарот и, во многу случаи, персоналот можат поефикасно да се движат од еден настан на друг. Иако не е вклучено во бројките за извештајот за 2025 година, портпаролот рече дека одлуката трките во Мајами и во Канада да се одржуваат последователно годинава, наместо да има една или две европски трки меѓу нив, ги намали емисиите на јаглерод од логистиката и патувањето за речиси три проценти.
Ова е еден пример за голем број слични префрлања на календарот, како што е поместувањето на трката во Јапонија напролет од 2024 година, за да може да се групира со австралиските и кинеските трки, од претходниот датум наесен, пишува „Би-би-си“. Годинава Ф1 се префрли на задолжително користење напредни одржливи горива во трките, иако емисиите предизвикани од самото натпреварување се многу мал процент од вкупниот број.
Овие горива произведуваат намалување од 80 отсто на емисиите на стакленички гасови во споредба со компараторот на фосилни горива, пишува „Би-би-си“. Ф1 вели дека пресметките на податоците за емисиите се завршуваат преку платформа за известување од трета страна. Во соопштението се наведува: „Платформата ги подобрува точноста и транспарентноста на пресметките со видливост врз внесувањето податоци, категоризацијата и методологијата на пресметка“.
Претседателот и извршен директор на Ф1, Стефано Доменикали, рече дека резултатите се „овозможени со колективниот напор низ целиот спорт за намалување на нашето влијание врз животната средина“.
– Од рационализација на календарот до поголеми инвестиции во одржливи горива и решенија за алтернативна енергија, го намаливме нашиот отпечаток, а спортот продолжува да расте и да достигнува нова публика низ целиот свет – рече тој, пренесе „Би-би-си“.
Обврската на Ф1 за јаглерод „нето нула до 2030 година“ поставува минимална цел за намалување од 50 отсто на апсолутните емисии во споредба со 2018 година, при што сите преостанати неизбежни емисии се компензираат со користење „кредибилни програми усогласени со упатствата за најдобри практики“, пишува „Би-би-си“. Н.М.


































