Петто издание на фестивалот „Преку езерото“
- Годинава за првпат имаме кинематографија во фокус, а тоа ќе биде современата иранска кинематографија – еден ирански филм ќе биде во селекција, ќе имаме и светска премиера на „Преку езерото“ и ме радува што сме препознаени како значаен фестивал на кој се одржуваат светски премиери, изјави Јани Бојаџи, директор на фестивалот
Петтото издание на фестивалот на балкански и медитерански филм „Преку езерото“ ќе се одржи од 8 до 15 јули во Дојран, Струмица и Гевгелија.
– Оваа година по петти пат фестивалот на балкански и медитерански филм „Преку езерото“ останува доследен на тоа да биде фестивал на филмови од тој регион и да не се шириме надвор од тој архипелаг, кој има мошне значајно место во светот на кинематографијата. Оваа година за првпат фестивалот го регионализираме и од 8 до 15 јули ќе се одржи во три града: Дојран, Гевгелија и Струмица. Поместувањето на терминот на фестивалот се должи на тоа што сакаме да им овозможиме на студентите и учениците што сѐ уште не се заминати на одмор да можат да дојдат во Дојран, Гевгелија и Струмица и да уживаат во филмската магија. Проекциите на филмовите од главната селекција ќе се одржуваат во Дојран, во прекрасна атмосфера на отворено, во амфитеатарот што гледа точно преку езерото, а другите програми, како краткометражната, студентската програма и кинематографијата во фокус ќе се одржат во Струмица. Годинава за првпат имаме кинематографија во фокус, а тоа ќе биде современата иранска кинематографија – еден ирански филм ќе биде во селекција, ќе имаме и светска премиера на „Преку езерото“ и ме радува што сме препознаени како значаен фестивал на кој се одржуваат светски премиери – изјави Јани Бојаџи, директор на фестивалот.
Бојаџи информираше и за работилницата на која се развива и финансира снимање дипломски студентски краткометражни филмови.
– Оваа работилница ја реализираме по третпат, веќе се снимени пет краткометражни играни филмови на студенти од македонските универзитети. Од минатогодишната работилница имаме два филма и тие ќе имаат светска премиера на фестивалот во Дојран -соопшти Бојаџи и им се заблагодари на сите актери што им излегле во пресрет на студентите и снимале без надомест.
Новина годинава е соработката со „Креативна Европа“ и организирање работилница на актуелната тема „Вештачката интелегенција и современата кинематографија“.
– Сите сме свесни дека голем дел од кинематографијата ќе биде создаван со алатките на вештачката интелегенција. Јас, како универзитетски професор, го поттикнувам тоа и сметам дека не можеме да пливаме наспроти брановите и мора да се движиме заедно со развојот на технологијата, затоа што филмот е применета уметност – не можете да направите филм ако не примените технологија. Таа се развива и сите умни колеги порано или подоцна ќе сфатат дека борбата против технологијата е бесмислена. Таа работилница ќе ја водат два медија-деска од соседството – веќе е потврден медија-дескот од Бугарија, од каде што ќе имаме предавач, а во преговори сме и со медија-дескот од Србија, од каде што чекаме потврда за нивниот предавач – информира Бојаџи.
Селекторот на филмската програма Златко Гелески рече дека се посветил на сите лица, односно сите култури и филмови што ги опфаќаат Балканот и Медитеранот.
– Главната селекција ќе има шест филма, поголем дел се филмови од Балканот, но за другите сакав да допрам до најдалечните точки на Медитеранот, за да се понуди диверзитет. Можам со сигурност да потврдам дека ниту еден филм не личи на кој било од селекцијата. И токму тоа беше убавината на селекцијата. Предвидуваме гости од сите филмови на фестивалот, бидејќи токму гостите се тие што го прават фестивалот, а културната разновидност е токму она што го прави посебен „Преку езерото“.
Во селекцијата на краткометражни филмови ќе има 15 филма, од кои половина се филмови од странство, а другата половина се македонски краткометражни филмови. Значи од 40, 20 филма ќе бидат македонски.
Од друга страна, во студентската програма има 12 филма од студентите на Универзитетот во Тетово, ЕСРА и ФДУ – информира Гелески и дополни дека фестивалот и годинава има програма за деца.
Дејан Милошевски, извршен директор на фестивалот, информираше за претпрограмата и програмата на фестивалот.
– На 10, 11 и 12 јули ќе се одржи работилницата за развој на сценарија под менторство на Александар Русјаков и секој што сака да биде дел од неа може да аплицира на веб-страницата на фестивалот – рече Милошевски, кој истакна дека очекуваат над сто гости годинава и дека капацитетите во Дојран се подготвени за достоен пречек. С.Ј.

































