Лауреатите на „Војдан Чернодрински“: Атила Клинче, Веби Ќерими, Љубомир Чадиковски и Сашо Миленковски

МТФ „Војдан Чернодрински“ на достоен начин, со доделување на наградите за животно дело, им се оддолжи на четворица творци што неуморно низ годините даваа придонес за развојот не само на театарот во Македонија туку и на фестивалот „Војдан Чернодрински“. Годинашни лауреати се актерите Атила Клинче и Веби Ќерими, театарскиот деец Љубомир Чадиковски и режисерот Сашо Миленковски. На отворањето на фестивалот, на тројцата присутни свечено име беа врачени наградите, а признанието за Сашо Миленковски на сцената ѝ беше доделено на неговата ќерка Сара.
Истакнатиот актер Атила Клинче зад себе има богата повеќедецениска кариера во театарот, со богат опус од над 50 актерски улоги, кои на сцената ги има донесено со високи естетски вредности, силна емоционалност и зрел уметнички израз. Со голема посветеност ги толкуваше и класичните и современите драмски ликови, со што остави траен белег во колективната меморија во театарот, во фестивалот, кај публиката.
– Зад мене се 44 години како актер, директор на институција и како професор. Тоа е мојот скромен придонес за афирмација на македонскиот театар, на турската заедница во земјава и надвор од неа. Среќен сум што ја добив наградата. Особено сум радосен што ми ја врачуваат пред прилепската публика и воопшто пред публиката со која пораснавме. Наградата ми дава уште поттик за мој ангажман. Малку сум емотивен, но сакам да му се заблагодарам на моето семејство за целата поддршка во мојата кариера, во која донесов многу различни улоги, посветено и со љубов кон сцената – рече Клинче.

Веби Ќерими е актер, режисер, педагог, кој реализирал голем број улоги и оставил траги во Албанскиот театар во Скопје, во кој се вработил во 1980 година и останал таму до пензионирањето во 2022 година. Секогаш бил креативен, исполнителен и со висока професионалност ги реализирал улогите на сцената. Режиите биле дел од неговиот професионален ангажман во театарот.
– Ова е признание за годините што ги поминав во театарот. Потврда дека успеав да придонесам за животот, за квалитетот на театарот, во театарската глума, и со моите режии. Се трудев светот да го давам како што јас сум го замислувал. Мислам дека успеав во тоа. Актерите се дел од една божја кореографија. Талија ни подарила нешто со кое се гордееме. Имам реализирано над сто улоги, но и доста неодиграни улоги. Никогаш не си задоволен, секогаш има празнина и тоа те води кон креација, кон нови идеи, видувања – рече Ќерими.
Љубомир Чадиковски е истакнат македонски театарски деец, кој остави траен белег во македонскиот театар, особено како основач на Театарот за деца и младинци. Активно креирал сценографии, градејќи креативни визуелни светови, што не биле само декор, туку активен дел од раскажувањето на театарската приказна.

– Кога ми кажаа дека ја добивам наградата за животно дело најпрво помислив „чекајте, зарем веќе ми помина животот“. Но, шегата настрана, наградата за мене е голема чест и имам убаво чувство, лично признание за еден пат, за години поминати во театарот, зад сцената, меѓу сценографиите, пробите, претставите, актерите, режисерите, младите луѓе и публиката. Судбината ме однесе таму каде што архитектурата и уметноста најубаво се среќаваат – во театарот – рече Чадиковски.
Посебно место во неговиот живот има Театарот за деца и младинци. и публиката.
– Се памети публиката. Детските очи во салата. Тишината пред почетокот, смеењето, возбудата, аплаузот. Тоа се моменти што не стареат. Но додека има сцена, публика, додека има деца што веруваат во приказни, театарот продолжува да живее – рече Чадиковски.