Фото: Маја Јаневска Илиева
На крајот од мај и почетокот на јуни, покрај охридските плажи може да се забележи прекрасен природен феномен. Машки единки од глогови пеперутки се собираат во јата и собираат минерали од калта, кои за време на парењето им ги пренесуваат на женките.
Овие хранливи материи, покрај нектарот од цветовите, се неопходни за производство на јајца со цврста лушпа. Женките потоа ги снесуваат јајцата на лисја од глог или диви овошки, започнувајќи нов циклус што трае една година.
Возрасните пеперутки живеат само неколку недели, за одново да почне животниот циклус на пеперутките со следната генерација.
Глоговата пеперутка се одликува со бели крилја со впечатливи, густи црни жили. Во Македонија е релативно чест вид, особено во планинските предели како што е Националниот парк Галичица.