Новиот оперативен план за вработување, вреден околу 40 милиони евра, ќе започне да се спроведува во текот на јуни. Планот веќе е усвоен од Владата, а наскоро ќе бидат објавени сите детали за мерките и можностите што ќе им бидат достапни на невработените лица, социјално ранливите категории и младите до 29 години, пренесе МИА.
Заменик-министерот за економија и труд, Марјан Ристески, изјави дека оперативниот план е усвоен на последната владина седница и очекува од наредната недела да стане целосно оперативен.
-Од вторник ќе ги презентираме сите новини, мерки и измени кои треба да го направат планот поефикасен и подостапен, особено за младите. Предвидени се и можности за вработување на наши иселеници кои сакаат да се вратат и да работат во земјава – рече Ристески.
Тој нагласи дека целта на Владата е преку активни мерки за вработување да ги поттикне граѓаните да започнат сопствен бизнис или да се вклучат на пазарот на трудот, со што ќе се намали иселувањето на младите.
Според Ристески, резултатите од претходните оперативни планови се охрабрувачки. Ланскиот план бил реализиран со 92 проценти успешност, а во текот на 2025 година околу 12.000 лица користеле некоја од мерките за вработување. Најголем интерес имало за мерката за самовработување, која ја искористиле повеќе од 2.600 лица за отворање сопствен бизнис.
Во однос на Законот за нефер трговски практики, Ристески најави измени што треба да бидат донесени до крајот на летото. Најзначајната новина ќе биде значително зголемување на казните за прекршителите.
-Досега се изречени казни во вкупна вредност од околу 200.000 евра. Практиката покажува дека се потребни одредени технички измени, но и многу построга казнена политика. Предвидуваме казните да бидат зголемени десеткратно за сите што го злоупотребуваат законот на штета на производителите, добавувачите и граѓаните – истакна Ристески.
Тој посочи дека во моментов максималните казни достигнуваат до 20.000 евра, а со новите измени се очекува тие да бидат значително повисоки. Комисијата за заштита на конкуренцијата досега отворила околу 45 предмети поврзани со прекршување на законот.

































