Фото: Руски претседател/Твитер

Рускиот претседател Владимир Путин изјави дека верува оти падот на дрон во Романија најверојатно е поврзан со украински дрон кој излетал од курсот и дека Русија е подготвена да спроведе објективна истрага за падот доколку романските власти ѝ достават информации.

Путин рече дека првата реакција на Европската Унија е да го означи секој дрон што лета над соседните земји како руски, но потоа се покажува дека не е, и дека украинските дронови што претходно летале над Финска, Полска и балтичките држави првично биле погрешно идентификувани како руски.

– Украинските дронови влегле во воздушниот простор на многу земји и првата реакција секогаш била – „Русите напаѓаат“, а потоа се покажало дека тоа нема никаква врска со руските дронови, туку дека тие биле украински. Никој не може да каже чие производство е дронот додека не се изврши експертско испитување“, рече Путин на прес-конференција на крајот од неговата посета на Казахстан – пренесе РИА Новости.

Тој ја повика Романија да достави до Москва информации за падот на дронот за да може да спроведе објективна истрага.

– Доколку ни дадат какви било објективни податоци, како што еднаш им обезбедивме на претставниците на американската администрација информации и остатоци од беспилотно летало што се обиде да удри во една од резиденциите на рускиот претседател – едноставно ги предадовме на анализа – рече Путин.

Според него, претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, не ја посети Романија и не ги испита остатоците од наводното руско беспилотно летало што се урна на истокот од земјата.

– Госпоѓа Урсула фон дер Лајен не беше во Романија и не ги испита остатоците од ова беспилотно летало. Никој не може да каже од каде доаѓа одреден авион додека не се спроведе испитување – рече Путин.