Доналд Трамп / Фото: ЕПА

Американскиот претседател Доналд Трамп ќе потпише евентуален договор со Иран за прекин на војната само доколку бидат исполнети неговите клучни услови, изјави синоќа претставник на Белата куќа по состанокот во таканаречената „соба за ситуации“, кој заврши без конкретна одлука.

Со тоа продолжува неизвесноста околу разговорите меѓу Вашингтон и Техеран, откако претходно извори од американската администрација споменаа можност за привремен договор со кој примирјето би било продолжено за дополнителни 60 дена.

Според извештаите, Трамп вчера одржал двочасовен состанок во Белата куќа, на кој се очекувало да биде донесена конечна одлука за можен договор со Иран. Сепак, по средбата не беше објавен никаков конкретен заклучок.

Непосредно пред состанокот, Трамп преку својата социјална мрежа порача дека Иран мора трајно да се откаже од поседување нуклеарно оружје, а Ормуска Теснина веднаш да биде отворена за пловидба и исчистена од мини.

-Иран мора да прифати дека никогаш нема да има нуклеарно оружје. Ормуска Теснина мора веднаш да се отвори, а Техеран мора да се обврзе дека ќе ја деминира – напиша Трамп.