Во текот на 2025 година е регистриран пораст на бројот на пријавени полнолетни сторители на кривични дела, но истовремено е намален бројот на обвинети и осудени лица, покажуваат најновите податоци на Државниот завод за статистика.
Според статистиката, годинава се евидентирани 14.237 пријавени полнолетни сторители, 6.996 обвинети и 6.371 осудени лица.
Во споредба со претходната година, бројот на пријавени е зголемен за 6,5 проценти, додека бројот на обвинети е намален за 7,7 проценти, а на осудени за 5,7 проценти.
Кај децата во судир со законот се регистрирани 505 пријавени случаи, од кои 305 завршиле со обвинение, а 196 со осуда. Во однос на 2024 година, бројот на пријавени малолетници е зголемен за 3,9 проценти, додека бројот на осудени е намален за 34,7 проценти.
Статистиката покажува дека најголем дел од кривичните дела се поврзани со имотни деликти и сообраќајни прекршоци.
Кај делата против имотот се регистрирани 3.484 пријавени сторители, 1.894 обвинети и 1.746 осудени лица. Во делата против безбедноста на јавниот сообраќај има 3.216 пријавени, 1.345 обвинети и 1.315 осудени.
Значително учество имаат и кривичните дела против јавниот ред со 1.180 пријавени лица, како и делата против животот и телото со 1.150 пријавени, од кои 724 обвинети и 517 осудени.
За кривични дела против слободите и правата на човекот и граѓанинот се пријавени 1.043 лица, додека 800 лица се евидентирани за дела против службената должност.
Во категоријата дела против здравјето на луѓето се регистрирани 746 случаи, против бракот, семејството и младината 519, против јавните финансии и стопанството 458, а против правосудството 402 случаи.
Кај малолетниците, најчести се имотните деликти со 195 пријавени случаи, потоа делата против јавниот ред со 99 случаи, против животот и телото со 64 и против безбедноста во сообраќајот со 57 случаи.

































