Вечерва во Прилеп започна 52 издание на Фестивалот на народни инструменти и песни „Пеце Атанасовски”, кој го негува македонскиот изворен фолклор.
Овој фестивал, кој, според градоначалникот Дејан Проданоски, опстојува и се негува повеќе од пет децении, сам по себе зборува за силата на нашиот идентитет, за богатството што генерации наназад е вткаено во изворната македонска песна и оро.
-Тоа богатство се пренесувало од колено на колено, од татко на син, од дедо на внук, чувајќи го духот на македонското фолклорно творештво и споменот за нашиот Пеце Атанасовски, врвен инструменталист, ненадминат мајстор на гајдата, етнокореограф, педагог и еден од најзначајните собирачи и чувари на македонските народни песни и ора. Секој народ има свое културно богатство и традиција, свој препознатлив белег. Ние како Македонци го имаме овој уникатен фестивал, кој со децении ги чува и негува древните вештини на свирачите на народни инструменти и на исполнителите на изворни народни песни. Во себе тој ги носи највредните атрибути на нашето културно наследство – традицијата, фолклорот, народната носија, обичаите и автентичниот македонски мелос.Токму затоа овој фестивал е значаен и неопходен – рече Проданоски, на отворањето на фестивалот.
Прилеп денес, а утре Долнени се местото каде ќе се слуша македонската изворна музика, звукот на народните инструменти, а ќе настапат 200 учесници.
Фестивалот се оддржува со поддршка на Министерството за култура и туризам и општините Прилеп и Долнени.



































