Европската комисија ја одобри новата транша во износ од 65,7 милиони евра за Република Македонија во рамките на Планот за раст за Западен Балкан и Механизмот за реформи и раст.
Како што соопшти Министерството за европски прашања, оваа поддршка претставува силна потврда дека државата успешно ги спроведува реформите и ги реализира клучните приоритети во областа на дигитализацијата, образованието и институционалниот развој, во согласност со европските стандарди.
Првиот заменик претседател на Владата и министер за европски прашања, Беким Сали, ја поздрави одлуката на Европската комисија, истакнувајќи дека ова претставува важен сигнал на доверба и признание за реформската агенда на државата.
– Европската интеграција повеќе не е само политичка аспирација. Денес таа се претвора во конкретни инвестиции, поддршка и реални можности за нашите граѓани – изјави министерот Сали.
Овие средства претставуваат дополнителен поттик за продолжување на реформите, зајакнување на институциите и забрзување на европскиот пат на државата.

































