Македонската јанѕа

Македонската јанѕа. Тука збунува зборот „јанѕа“, кој е архаичен и може да се најде уште кај народот во архаичните македонски средини, во селата што ни се запустија и со последниот животен здив ни се во исчезнување, а со тоа исчезнува и скапоценото антрополошко богатство во нив. Во него, покрај другото, страда и јазикот со неговата архаична, митска и магиска основа, па и новата генерација македонски поети воленс-ноленс ќе пишуваат постмодерна поезија излезена од шинелот на супермаркетите, излитениот колоквијален и политизиран банален и еднозначен без митска основа јазик: „јазикот зад јазикот“, како што би рекол Пол Валери. Туку за јанѕата. Тоа е повеќезначен збор со егзистенцијална, психолошка и филозофска димензија. Тој означува: страв (непознат и познат), трагично претчувство, но истовремено и радост во посебни екстатични ситуации, треперење на битието, како што би рекле филозофите од типот на Хајдегер. А во посебна ситуација тој збор означува и сомнеж, во стилот и на оние што се именува како антрополошки песимизам дека нешто ќе се оствари. Пребогат збор / поим / мит / драг читателу, кој е во основата на насловот на денешната наша колумна и на нејзината содржинска срцевина. Имено, станува збор за размислата на Македонски манифест над јанѕата (судбината) што надвиснала над Македонија и Македонците за нивно идентитетско ништење, но и физичко исчезнување до згаснување. Оти којзнае сè какви се идеите за конечното ликвидирање на „смачканото племе“ (дефиниција за Македонците на Блаже Конески) од цивилизацијата која одамна му се намерачила нему. Блудницата вавилонска, којашто ја опеа пред повеќе од едно столетие нашиот длабокоумен народ, истовремено со неа дијагностирајќи ја и нејзината апсолутно морална атрофија.
Така. Туку го спомнавме Македонски манифест, драг читателу, кој еве веќе безмалку две децении ја чувствува силно македонската идентитетска смрт и јанѕа и се бори како Дон Кихот на Сервантес, или поарно како нашиот болен Дојчин против облаците на цивилизацијата што нè ништи од поодамна интензивно: европската позната како Западна, која, пак, по Хирошима е и Евроамериканска, или современо брисело-вашингтонска. Сеедно. Тие се помагачите (главните) на Атина, Софија и Тирана, како алатки за нивната грозоморна замисла и чин да ги снема идентитетски Македонците од картата на народите на оваа планета. Таа ликвидација е цивилизациски проект за што и пишувавме во четири продолженија во нашата долга колумна/есеј под наслов „Како да ги снема Македонците“ во овој весник. Бидна БЈРМ (или ФИРОМ, сеедно), па бриселската нацифашистичка Лисабонска декларација (1991), која ние ја премолчивме, а таа беше претслика на идентитетски смртоносниот Преспански договор (2018). Тоа е ликвидацијата на нашиот генерички идентитетски извор името МАКЕДОНИЈА со смртоносната придавка Северна, и негово предавање на Грците „лицем светци срцем волци“ (Прличев). Но со тоа не се задоволи колонизаторската цивилизација, која уништи толку многу домородни култури и опљачка материјално, па и духовно (полнејќи ги нивните музеи) толку многу народи и цели цивилизации (Маи, Ацтеки, Инки, Индијанци), па и цели континенти (Африка) итн. Приказната е долга и тажна. Нашата сега посебно. По варварската кражба на името, а со тоа и на нашиот генерички културно-цивилизациски имот на Античка Македонија (прогласена конечно од Западот за Грчка) сега се на ред кражба, со истиот „цивилизациски“ метод, на јазикот и историјата од Кирил и Методиј наваму до денес, а со цел со тоа и на наша бугаризација. А нас јанѕа нè јаде дека е можно по Преспанскиот и тоа да се случи. Бугарската политичка, научна/квазинаучна (БАН) во соработка со француското наполеонче Макрон и со Брисел забрзано работи на тоа, а ние (нашата политичка елита) сме разединети, разроки, колебливи и во многу нешта нејасни за тоа. Ете затоа и Македонски манифест го јаде јанѕата дека стоиме на работ од целосно идентитетско исчезнување, каков што е планот, па затоа состави едно обраќање-јанѕа до сите Македонци дома и во туѓина за да бидеме будни и храбри, да не ни се случи тоа. Во тоа обраќање на Манифестот е и дијагнозата на нашата свест, и не-свест, на нашата колебливост, разединетост и немање доволно храброст отворено да му кажеме на Брисел (со кој владеат и сега европските колонизатори главно) едно големо НЕ, како и на Софија.

Да. Но веќе е доволен вовед да преминеме на јанѕата, на обраќањето на Македонски манифест до македонскиот простодушен народ, кој најубаво ги сфаќа и чувствува по инстинкт и интуиција работите и неговата политичка елита, која не само кај нас туку и кај други слични на нас народи одлучува за нивниот возлет, ренесанса, постоење или за нивна катастрофа. Еве го значи тоа обраќање, драг читателу, ставено во конвенционалната граматичка рамка на наводници: „Шокантно одекна информацијата од ЦИА за тоа дека поранешниот претседател Киро Глигоров одбил поткуп од сто милиони долари за продажба на името на државата“. Тој ја одбил оваа валкана понуда, но очигледно некој друг ја прифатил, па Македонија остана без исконското, свето, библиско, природно и наследено име. Овој чин беше спроведен на криминален начин со брутално газење по уставот и законите. За жал, помина без кривичноправна разврска. Нема ниту истрага ниту обвинети. Неказнивоста на овој злостор ги зголемува апетитите на некои политички структури за нова валкана продажба, овој пат на јазикот. Ним им е сосема јасно дека оној што понудил сто милиони долари за името, спремен е да ја понуди истата сума и за македонскиот јазик. За таа цел сведоци сме на секојдневни жестоки притисоци од Западот и соседите за бришење на сè што е македонско. Подготовките за овој злостор веќе се направени:
– ЕУ ги усвои Лисабонската декларација која ни го оспорува името и преговарачката рамка во која е вградена унилатерална изјава на Бугарите со која се негира македонскиот јазик.
– ЕУ ги прифати геноцидните договори со Бугарија и Грција и жестоко нè притиска да ги почитуваме, иако многу добро знае дека геноцидот е забранет.
– ЕУ само за нас Македонците го суспендираше меѓународното право, вклучително и правото на самоидентификација. Ги суспендираше и Копенхашките критериуми, но и основните принципи во дипломатијата, како што се почитување на суверенитетот и немешање во внатрешните работи на државата.
– ЕУ е таа што ги поддржува сите геноцидни акти на бугарскиот парламент и влада. Основа на сите овие акти е негирање на македонскиот идентитет и јазик, но и негирање на историското и културното наследство. Сето ова е дел од Бугарската национална доктрина за XXI век од БАН од 1997/8 година, во која се вели меѓу другото: „Бугарската етничка територија ја вклучува цела Македонија, во која живеат еден милион и четиристотини илјади Бугари… За Бугарите македонскиот јазик е дијалектна норма на бугарскиот јазик, а Македонците се социјален, лингвистички и етнички конструкт на комунистите или поточно измислица на Тито и КОМИНТЕРНА“. Затоа најголем празник им е Сан Стефано.
– Сето ова ЕУ го прифаќа. Затоа минатата година во извештајот на Томас Вајц за Македонија, Советот на Европа го избриша македонскиот јазик.

– Последно и најстрашно е тоа што Бугарите бараат да бидат внесени во нашиот устав како државотворен народ. Од неодамна истоветно барање испорачаа и Албанците Еди Рама и Али Ахмети. Бараат и тие да бидат внесени во македонскиот устав како државотворен народ. ЕУ и ова барање на Бугарите го поддржува и со директно мешање во внатрешните работи нè уценува да ги внесеме Бугарите во Уставот како услов за почеток на пристапните преговори. Немаме дилема дека ќе ги поддржат и барањата на Албанците. Ако се реализира оваа валкана идеја, Бугарите и Албанците ќе станат државотворци на македонската држава, а ние Македонците ќе останеме со оспорен идентитет и јазик, осудени на тивко одумирање на рати. Тоа ќе значи воскреснување на состојбата од 1941‒1944 година кога владееја нацисти и балисти. Наедно со тоа ќе се отвори процес на бугаризација и албанизација на државата, како и создавање втора бугарска и трета албанска држава.
Оваа геноцидна политика на ЕУ кон Македонците има непрекинат континуитет 150 години. Трае уште од Берлинскиот конгрес, кога беа создадени балканските држави, а Македонија беше заборавена. Оваа геноцидна политика продолжи со прифаќање на пописите по милет-систем кај османлиите кои ги избришаа Македонците, што беше основа да нè парчат во Балканските војни и Букурешт 1913 година. Својата геноцидна политика ја потврдија и во 1948 година со фрлање напалм-бомби по македонските села и градови. Оваа континуирана геноцидна политика на ЕУ кон Македонците е недвосмислен доказ дека за нив ние сме европските Индијанци, кои треба да исчезнат од етничката карта на народите.
По овие неспорни факти само наивни и незрели политичари можат да веруваат дека ЕУ ќе нè прими како Македонци со македонски јазик. Секоја разумна држава која ги штити своето достоинство и национални интереси при ваква состојба би ги прекинала овие понижувачки и геноцидно осмислени пристапни преговори и би побарала алтернатива. А што правиме ние? Безглаво трчаме кон ЕУ како единствена опција, што ги стимулира ЕУ и соседите уште пожестоко да нè туркаат во идентитетска самоликвидација. Сите криминални и геноцидни договори со соседите, криминалните уставни измени и геноцидната преговарачка рамка, усвоени од претходната власт, се прифатени како наследена реалност. Ова не е ништо друго туку капитулација. Сите геноцидни акти на ЕУ и оние на бугарскиот парламент и влада ги премолчивме, што не е ништо друго туку премолчано прифаќање на идентитетската самоликвидација.
Затоа:
Не бараме поништување на геноцидните акти на ЕУ и оние на бугарскиот парламент и влада.
Не бараме укинување на Сан Стефано како државен празник во Бугарија кој предјавува територијални претензии.
He бараме раскин на геноцидните договори со соседите.
Не бараме откажување на криминалните и геноцидните меѓувладини протоколи.
А што всушност бараме ние? Во услови кога единствено нешто што е спорно за Бугарите се нашиот идентитет, јазик, историско и културно наследство, нашите политичари сите од ред бараат низ разговори и преговори да ги решиме сите спорни прашања со Бугарите, а од ЕУ бараат гаранции за идентитетот и дека нема да има други условувања во пристапните претвори, откако ќе ги внесеме Бугарите во нашиот устав.
Македонски манифест јавно ги прашува претседателот, премиерот и министерот за надворешни работи:
За што сакате да разговарате со Бугарите? За сопствениот идентитет и јазик? Зарем не знаете дека овие прашања се составен дел од највисокото човеково право, правото на самоидентификација, загарантирано со меѓународното право? За ова ниту една суверена држава не разговара. Уште нешто, дали можеби сакате да разговарате за трговија во која на маса ќе биде некој македонски национален интерес?
Дали сте сериозни кога сите од ред барате гаранции од ЕУ за македонскиот идентитет и јазик и дека нема да има нови условувања во пристапните преговори ако ги внесеме Бугарите во Уставот? Зарем сте спремни да ги внесете Бугарите во Уставот во замена за едно големо ништо, наречено почеток на пристапни преговори, во кои повторно нè чекаат отворања на 35 поглавја, при што секоја од 27 членки на ЕУ има право на ВЕТО? Тоа се 945 можности за ВЕТО.

Додека стигнеме до ратификација на пристапниот протокол ниту М од Македонци и македонски јазик нема да остане. Ова значи дека во ваква поставеност ЕУ не може да ни даде гаранции. Ако сепак ни ги даде, тоа ќе биде само уште една од низата лаги кои досега ни ги испорача. Освен тоа, нам не ни требаат гаранции за идентитетот и јазикот. Тие се заштитени со меѓународните правни акти и неотуѓивото право на самоидентификација, кое никој не може да ни го одземе.
Затоа барањето гаранции ние во Македонски манифест го доживуваме како барање до ЕУ уште еднаш да нè излаже со безвредна гаранција, која ќе послужи како изговор за внесување на Бугарите во македонскиот устав, кое ќе доведе до отворање на пристапниот процес, но во исто време ќе означи почеток на крајот на македонската држава онаква каква што ја знаеме.
Со оглед на сето изложено, Македонски манифест бара од Владата и претседателот веднаш и без одлагање: Престанете да барате разговори и преговори за прашања за кои не се разговара и да престанете да барате безвредни гаранции, кои и онака не ни се потребни. По никоја цена Бугарите во македонскиот устав. Со или без гаранции, веднаш или со одложено дејство, тоа ќе значи идентитетска смрт, веднаш или со одложено дејство. Бараме прекин на понижувачките пристапни преговори, затоа што народот на референдум 30.9.2018 година кажа НЕ за ЕУ, што ги прави пристапните преговори нелегални и нелегитимни. Суверен во оваа држава е народот. Неговите одлуки се конечни, извршени и задолжителни за сите политички чинители.
Тоа. Доволно. Тука веќе ставаме точка, драг читателу, на нашата и твојата (и на македонскиот простодушен народ) јанѕа, на која ѝ нема крај сè додека не се ослободиме храбро не само од кукавичлукот на цивилизацијата туку и од нашиот домашен кукавичлук, анемија и морална атрофија присутна кај некои што одлучуваат за судбината на целиот колектив. За жал. Оти и денес гледаме дека Гоце имал право кога рекол дека ни еден друг народ не располага со толку предавници каков што е случајот со Македонците. Нешто што се покажа впрочем и со геноцидниот Преспански договор. Nocturno, De profundis. Memento mori.