ПАТОПИСНА РЕПОРТАЖА ОД БАДЕН-ВИРТЕМБЕРГ
- Во Нојверцхаус, предградие на Штутгарт познато по тоа што е седиште на фабриката за автомобили „Порше“, каде што се наоѓа и една прототип-шасија на македонскиот иселеник Душко Јанкуловски, се наоѓа и евангелската црква „Свети Михаил“, која денес е македонска црква што го носи името „Св. Кирил и Методиј“. Како дошло до овој голем настан, или историски духовен пресврт, навистина е фасцинантна приказна
Еден телефонски повик го претвори моето семејно патување во Штутгарт и околината во еден неверојатно важен новинарски запис и големо сознание. Една можност каква што секој репортер сака да му се укаже. Да ги гледаш убавините на Баден-Виртемберг, но и да видиш и препознаеш како духовноста ги покажува сета своја сила и моќ способна да пишува нова историја во Германија. Ќе истакнам – во една Германија, која и самата ја пишувала и ја пишува европската историја. Тоа е чудото на спојот меѓу двата најмоќни народа во Европа, Германите и Македонците, кои со векови ја испишуваат и ја обликуваат културната матрица на континентот и покрај тоа што во книгите ваков податок нема да пронајдете затоа што во повеќето од нив врие од фалсификати. Такви пронајдовме и во Археолошкиот музеј во Штутгарт каде што на некои артефакти стоеше дека Алексадар Велики бил Грк, но пронајдовме и античка карта на која Грција не постои. Но искусниот репортер има право да изнесе еден ваков смел факт и да подотвори еден историски прозорец за да се видиме каде сме и кои сме.
ОД УЛМ ДО ГРАДОТ НА „ПОРШЕ“
И така по посетата на преубавиот град Улм, препознатлив по својата велелeпна црква, велат втората највисока во светот со своите 161,3 метар, кој излегува на бреговите на убавиот син Дунав, добиваме месинџер-порака: „Дојдете да ја посетите нашата црковна општина“. Поканата е од кичевчанецот Трајче Костадиновски, кој неколку децении живее и работи, но и дејствува во интерес на македонското иселеништво и каузата токму во Штутгарт. Поканата веднаш ја прифаќаме и договараме германски прецизно до секунди каде ќе се најдеме и во колку часот.
Мојот домаќин Трајче ме вози до предградието на Штутгарт, (село) Нојверцхаус, познато по светскиот автомобилски бренд „Порше“, а потоа патот нѐ води кон една црква, која доминира во областа. Пристигнуваме во приквечерина, а на улиците ни живо пиле, иако селото има над 800 жители. И ова е тоа – некогашната евангелска црква „Свети Михаил“ денес е црква на МПЦ-ОА, која го носи името „Свети Кирил и Методиј“. Како се случило тоа, тој духовен и верски пресврт? Тоа е долга приказна што моите домаќини Тони Христов, Трајче Костадиновски, Душко Јанкуловски, Раде Петровски и Танас Пероски со особено задоволство и страст ми ја раскажуваат.
– Црковната општина Св. Кирил и Методиј е основана во далечната 1983 година, а подоцна, во 1994 година дедото Михаил ја формира Европската епархија. Седум фамилии се основачи на општината (друштво) и чекавме и дочекавме во 2025 г. во октомври да ја купиме оваа црква – дава кус историјат Душко.
Црквата е купена од Евангелската црква и тоа биле долги преговори, па и пазарења за цената. Но поинтересно е зошто црквата е купена. Иако во Штутгарт и околината врие од цркви, сепак, повеќето од нив се празни, нема или не доаѓаат верници. Така било и со оваа црква во Нојверцхаус, каде што со години никој не влегувал да се прекрсти. А сега? Сега е сосема поинаку. На литургиите постојано има по 70-80 верници, а за Велигден се собрале над 1.500, нешто што ги шокирало локалните жители.

– Договорот беше за 650.000 евра да ја купиме црквата, но и другиот имот, како што е резиденцијата за свештеникот, помали станови, подрумски простории… Целиот објект има 1.800 квадратни метри. Интересно е што се наоѓа врз некогашни бункери, што е дел од една историја. Ние сме обврзани да ја зачуваме црквата во својата изворна форма, затоа што е заштитено културно наследство. Тоа не е проблем за нас и најдовме решение како да се постигне тоа – ни објаснува младиот струмичанец Тони Христов, претседател на црковната општина.
Тони го зема клучот од црковните порти и ме внесува во црковните простории. Пространа црква со високи сводови и веќе се поставени македонски фрески на паноа, кои наскоро ќе бидат заменети со вистински фрески. Убаво решение за да не се изврши своевидна интервенција на оригиналните евангелски фрески, кои ќе бидат зад специјално поставени панели. Доминира преубава дрвена конструкција од костенови греди и големите оргули. Дали некој ќе свири? Не е тоа сега најбитното, она што е важно е дека Македонците од Штутгарт и околината, а ги има над 40.000, добија долгоочекуван верски храм, место каде што ќе можат да му се помолат на Бога, да има крштевки и венчавки, што се вели и за арно и за лошо.
– Имаме и крштевки и венчавки, за жал, и помени, но тоа е животот. Сега ги чекаме иконите, а подоцна ќе го поставиме и иконостасот во наш препознатлив македонски длаборез и сето тоа е под будното око на отец Пимен. Врвот на сето ова очекуваме да се случи наредната година кога треба да биде осветувањето на црквата – вели Христов.
БИТКИ СО ГРЧКАТА ДИЈАСПОРА
Седнати во црковната кујна разговараме за историјата и активностите на македонските иселеници во изминатите децении. Имало подеми и падови, кавги, но и разбирање, заеднички дух што резултирал со формирање разни друштва, фолклорни, или како што е фудбалскиот клуб Македонија, црковен хор, или познатиот германско-македонски форум за културна соработка „Корзо“ основан од младата генерација Македонци, а во него, меѓу другите, членувале и Горан Попчаноски, д-р Викторија Чавкоска (денес угледна македонска дипломатка) и Гоце Пероски (денес активен во германската политика). Тоа биле времиња кога воделе битки најмногу со грчката дијаспора за името, но и историјата, за нивните блокади, а една од клучните акции била за поставување спомен-плоча на македонски јазик посветена на Светиот македонски апостол Методиј во Елванген. Успешна мисија. Денес во Елванген, каде што во 9 век бил заточен Методиј, стои плоча и на македонски јазик, покрај тие на бугарски, германски, чешки, словачки.
– Имаме многу активности, организираме и донаторски акции, како што беше случај за настраданите во дискотеката во Кочани, или кога се собираа средства во 2001 година, играме фудбал и ора, но главна цели и мисија ни е духовноста. Црквата и нашата вера, тоа е нашата сила – истакнува Трајан.
ДУХОВНА СИМБИОЗА
Денес кој ќе лета со директен лет од Скопје до Штутгарт со „Визер“ има можност многу лесно и брзо со трамвај да го посети Нојверц и да запали свеќа во црквата „Св. Кирил и Методиј“, па и да го посети музејот на „Порше“, фабриката што на верниците бесплатно им го отстапи својот паркинг. Убав гест и доказ за таа духовна симбиоза што се чувствува во тој град. Секако и почит кон Македонците за нивната истрајност, посветеност и вера!
Ставајќи го клучот во клучалката на црковната порта и влегувањето во верскиот објект веднаш ми ја донесоа помислата дека ова е тој голем момент кога духовноста е посилна од материјалното и кога Македонците и во Германија докажуваат дека се вистински верници и чувари на христијанските светци. Овој чин на Македонците во Германија ја потврдува и новозаветната приказна на светиот апостол Павле и неговата мисија во Македонија. Ако го посетите овој нов македонски верски храм, приказната со Павле и Македонецот совршено ќе ви стане јасна.
































