Македонија vs. Бугарија

  • Од европски стандарди до нивна реална примена: како Бугарија да го надмине демократскиот дефицит и да обезбеди целосно почитување на човековите права како Македонија

Жртвата на Сократ Данаилов Маркилов, кој бил партизан, дваесет години затвореник во Народна Република Бугарија и човек што бил казнуван само поради својата македонска етничка определба, е една од многуте судбини што го следат македонскиот народ во изминатите двесте години. Поточно нашата агонија започнува од укинувањето на Охридската архиепископија! Но да се држиме до темата. По интернирањето на семејство на Сократ Данаилов Маркилов, тој останал без сопствените деца, на кои им се губи секоја трага, а трагедијата ја достигнала својата најдлабока точка со самоубиството на неговата сопруга. Македонец со ретка човечка издржливост, кој дочека да присуствува на прославата на независноста на Македонија на 8 септември 1991 година на скопскиот плоштад. Сократ е и беше жив сведок дека личната жртва не ја поништува надежта, туку ја зацврстува. Слава му и нему и на сите оние знајни и незнајни Македонци што го дадоа својот живот за општото добро слободно да се кажуваме, живееме и твориме она што сме – Македонци!
Но токму во таа биографија се крие и една непријатна вистина за современа Европа: дека македонското прашање никогаш не било само историско, културно или идентитетско прашање. Тоа е пред сè прашање на човекови права, политички прогон и право на самоидентификација – права што, парадоксално, во XXI век сè уште не се целосно признаени во Бугарија како земја членка на Европската Унија и Советот на Европа.
Во време кога меѓународното право сè почесто се толкува селективно, а не се применува доследно, малите држави како Македонија се соочуваат со фундаментален избор: дали ќе останат пасивни субјекти или ќе станат активни носители на сопствената правна и политичка судбина. Македонија предолго ја играше првата, „пасивната“ улога. Денес околностите налагаат промена и акција.
Повеќе од три децении македонското прашање – особено во контекст на правата на Македонците во соседството – се третира низ призма на индивидуални тужби, дипломатски апели и декларативни реакции. Овој пристап донесе одредени резултати, особено преку пресудите на Европскиот суд за човекови права во случаите поврзани со ОМО „Илинден“. Но истовремено ја оголи и најголемата слабост на европскиот систем: постоење на судски одлуки што формално се задолжителни, а практично остануваат игнорирани.
Кога земји членки на Советот на Европа системски ги игнорираат пресудите на Судот, тогаш проблемот престанува да биде билатерален – тој станува цивилизациски и системски. Бидејќи ако една европска држава може континуирано да негира етничка самобитност, да попречува здружување, да оневозможува регистрација на организации и притоа да не сноси реални последици, тогаш прашањето повеќе не е само „македонско“. Тогаш станува збор за криза на самиот европски концепт на човекови права.
Во таа смисла, прашањето денес не е дали Македонија треба да реагира, туку како да реагира!? И уште поважно – дали Македонија конечно е подготвена да престане да се однесува како држава што постојано бара разбирање наместо како држава што бара примена на меѓународното право.
Затоа, темата „Македонија vs. Бугарија“ не треба да се чита како повик за национална конфронтација, туку како повик за демократизација. Не на Македонија – туку на Бугарија. Бидејќи држава што и во XXI век има проблем да признае постоење на различен етнички идентитет, држава што системски одбива да ги спроведе пресудите на меѓународните судови и држава што политички го третира самоопределувањето како закана, не се соочува со македонски проблем. Таа се соочува со сопствен демократски дефицит.
Токму затоа, на Македонија денес ѝ е потребна нова државна стратегија — правна, дипломатска и меѓународна. Стратегија што нема да се темели на историски емоции, туку на универзалните принципи на човековите права, владеењето на правото и меѓународната одговорност. Бидејќи во современиот свет, правата не се добиваат со молчење. Тие се обезбедуваат со институционална и правна борба.

ВО СОВРЕМЕНОТО МЕЃУНАРОДНО ПРАВО, ПАСИВНОСТА НЕ Е НЕУТРАЛНОСТ – ТАА Е ОТКАЖУВАЊЕ ОД СОПСТВЕНИТЕ ПРАВА!?

Во современиот меѓународно правен поредок, пасивноста не може да се третира како неутрална позиција. Таа, во суштина, претставува премолчно прифаќање на состојба на неправда. Оттука, Македонија повеќе не може да си дозволи луксуз на правна пасивност. Пресуда што не се спроведува не е победа – таа е доказ дека правото без државна волја останува симбол, а не инструмент. Меѓународното право не функционира само затоа што постои како норма; тој систем добива реална сила единствено кога државите имаат капацитет и храброст да го активираат. Големите држави одамна го разбираат тоа. Прашањето е дали малите држави ќе продолжат да чекаат – или конечно ќе дејствуваат.
Европската конвенција за човекови права не е декларативен политички документ, туку обврзувачки меѓународно правен инструмент. Токму затоа, механизмот на Европската конвенција за заштита на човековите права од членот 33 не треба да се третира како исклучок, туку како неопходен коректив во услови на системско и повторливо непочитување на пресудите на Европскиот суд за човекови права. Во таа насока, постои реална и правно заснована можност Македонија да поведе меѓудржавна постапка за неспроведување на веќе донесени пресуди. Ова не би било отворање на нов спор, туку барање за извршување на веќе утврдени обврски. Значењето на ваквиот чекор е повеќеслојно. Правно, тоа е формално утврдување на системско неспроведување судски одлуки. Политички, тоа е јасна интернационализација на проблемот во европските институции. Институционално, тоа е активирање засилен надзор од страна на Комитетот на министри на Советот на Европа. Доктринарно, тоа е потврда дека пресудите на Судот не се препораки, туку правно обврзувачки акти!
Во поширока смисла, ваквиот процес би бил и инструмент на постепена демократизација на бугарската држава, бидејќи реалното почитување на човековите права не е политички избор, туку услов за членство и опстојување во европскиот правен простор.

Дополнително, во рамките на системот на Советот на Европа постои и крајна институционална мерка – суспензија или дури исклучување земја членка што системски и упорно ги игнорира своите обврски. Иако оваа мерка ретко се применува, таа не е теоретска. Историски, вакви примери постојат: Грција (1969) беше суспендирана од Советот на Европа поради сериозни повреди на човековите права за време на воената хунта и Русија (2022) беше исклучена од Советот на Европа поради сериозни и системски повреди на меѓународното право и човековите права. Овие случаи покажуваат дека системот, иако бавен, сепак реагира кога повредите стануваат структурни и континуирани. Во тој контекст, фактот дека постојат повеќе од десетина (околу 14) пресуди поврзани со ист образец на повреди, не е само правна статистика – тоа е индикатор за системски проблем што бара институционален одговор, а не декларативен став. Затоа, ова прашање не е прашање на конфронтација, туку прашање на правна доследност: дали европскиот систем на човекови права ќе остане систем на реално извршување, или ќе се сведе на архив на неприменети пресуди.
Историјата на меѓудржавните постапки покажува дека правото никогаш не било само заштитен механизам — туку и средство за државна позиција и меѓународна тежина. Во предметот „Ирска против Обединетото Кралство“ (Ireland v. United Kingdom – 1978), Ирска не дејствуваше пасивно, туку ја искористи правната постапка за да ја интернационализира системската злоупотреба на човековите права. Резултатот не беше само судска одлука, туку поставување стандарди што подоцна станаа дел од европската правна традиција. Слично, случаите „Грузија против Русија“ и „Украина против Русија“ покажуваат дека државите го користат судскиот механизам не само за утврдување повреда, туку и за создавање меѓународен правен наратив и политички притисок. Заклучокот е јасен: во современото меѓународно право, пасивноста не е неутралност – таа е откажување од сопствените права.
Судската пракса поврзана со ОМО „Илинден“ претставува еден од најконзистентните примери на утврдени повреди во корист на македонското малцинство во Европа. Европскиот суд за човекови права во повеќе наврати утврди повреди на: слобода на здружување, слобода на изразување и забрана на дискриминација. Но суштинскиот факт останува непроменет, овие пресуди системски не се спроведуваат. Во таква состојба, проблемот повеќе не може да се толкува како административна слабост. Станува збор за континуирано и свесно непочитување на меѓународно правни обврски. И токму тука се појавува клучната дилема за европскиот систем: ако пресудите постојат, но не се извршуваат, тогаш се доведува во прашање самата суштина на правниот поредок врз кој се темели европската демократија.
Во вакви околности, каде што постојат јасно утврдени повреди и континуирано неспроведување пресуди на Европскиот суд за човекови права, Македонија не може повеќе да остане во позиција на пасивен набљудувач. Единствениот правно конзистентен и институционално оправдан чекор е активирање на механизмот од членот 33 од Европската конвенција за човекови права и поднесување меѓудржавна тужба против Бугарија пред Судот.
Таквиот чекор не претставува политичка ескалација, туку правна неопходност – обид да се обезбеди она што веќе е утврдено: реално, а не декларативно почитување на човековите права.

П.С. Румен Радев – поранешен генерал, а денес политички лидер во Бугарија – очигледно се наоѓа пред навистина „лесна“ задача од европски демократски стандарди, ако ги земеме најсериозно. Во современа Европа, вакви комбинации на воена и политичка кариера се реткост, обично се среќаваат во Африка и Јужна Америка отколку во Европа.
Неговата двојна задача, сепак, не е без тежина: од една страна, спроведување на пресудите на Европскиот суд за човекови права, а од друга страна имплементација на јасните препораки на Венецијанската комисија од 2008 година за Бугарија, според кои таа треба да направи уставната адаптација и институционалното отворање насочено кон внатрешно зајакнување на владеењето на правото и признавање на македонското малцинство.
Во таа смисла, задачата не е „македонска“, туку европска — и прилично едноставна: да се спроведуваат веќе преземени обврски. Сè друго би било политичка креативност што тешко се вклопува во правниот речник на XXI век.

Тони Менкиноски