Фото: ЕПА/Илустрација

Нов меѓупартиски сојуз на европратеници повика на брзо формирање на европски одбранбен сојуз, предупредувајќи дека потпирањето исклучиво на САД за безбедноста на Европа претставува сериозен ризик.

Во заедничка декларација, потпишана од европратеници од различни политички групи, меѓу кои и германските претставници Мари-Агнес Штрак-Цимерман, Михаел Галер и Тобијас Кремер, се наведува дека Европа мора да создаде сопствени механизми за дејствување и во ситуации кога НАТО нема да може или нема да сака да интервенира, пренесе ДПА.

Според нив, потребни се заеднички командни структури, сили за брза реакција и поефикасна координација меѓу земјите членки на Европска Унија.

Во декларацијата се оценува дека европските влади декларативно поддржуваат јакнење на воените капацитети, но дека националните интереси и понатаму го забавуваат напредокот, особено во делот на заедничките набавки на оружје и воена опрема.

Европратениците тврдат дека со заедничка набавка на одбранбена опрема, земјите на ЕУ би можеле да заштедат до 100 милијарди евра годишно.

Прашањето за нуклеарното одвраќање не е вклучено во документот, иако германскиот европратеник Лукас Ципер изјави дека групата подоцна ќе разговара и за ова чувствително прашање.