- Венециското биенале веќе 130 години е една од најпрестижните културни институции во светот. Историјата на Биеналето започнува од 1895 година, кога била организирана првата Меѓународна уметничка изложба. Интересно е дека кога зборуваме за Венециското биенале, зборуваме како за некој настан што трае само три дена или вкупно шест месеци. Но вистината е дека по завршувањето на Биеналето, лесните коктели, забави и незадолжително шетање од павилјон до павилјон, останува горчливото чувство дека со светот нешто длабоко не е во ред и дека дури ни уметноста како движечка сила на човештвото, за жал, нема моќ да го промени тоа
Венециското биенале, како и сите поголеми и позначајни светски културни манифестации, не може да ѝ побегне на политиката и како по правило секоја година е своевиден спој на уметност, политика и контроверзии. Годинава тоа е враќањето на Русија на Биеналето, кое предизвика реакција од ЕУ, а критики доаѓаат и поради учеството на Израел. Иако како една од најважните меѓународни изложби на современа уметност Биеналето отсекогаш го застапувало ставот дека уметноста ја надминува политиката, сепак поделбата на официјални национални павилјони, финансирани од државните буџети, кои служат како платформи за презентација на современата уметност, ја наметнува и глобалната политика, која неизбежно се појавува како тема на дискусија.
На годинашниот настан, кој ќе трае од 9 мај до 22 ноември, учествуваат 100 земји, од кои седум за првпат: Гвинеја, Екваторска Гвинеја, Науру, Катар, Сиера Леоне, Сомалија и Виетнам. Темата е „Во молски тоналитети“ и е посветена на маргинализираните и честопати занемарени гласови. Концептот е опишан како „лековита форма на отпор што повикува на внимателно слушање среде современата состојба на светот. Молските тоналитети ги отфрлаат оркестарските помпезности и воените маршеви и оживуваат во меките тонови, длабоките фреквенции, зуењето и удобноста на поезијата. Иако тие звуци често се губат во вознемирувачката какофонија на денешниот хаос што го разорува светот, музиката продолжува“…, како што стои во најавата во пресрет на Биеналето.
По избивањето на војната во Украина во 2022 година, уметниците и кураторите од оваа земја доброволно се повлекоа од настанот. Сега враќањето на Русија предизвика тензии меѓу италијанските институции и Европската Унија, дури и во рамките на десничарската влада на Италија постојат длабоки поделби. Европската комисија поведе постапка да се спречи фондацијата „Биенале“ повторно да ја прими Русија. Во спротивно, постои закана од прекин на финансирањето во износ од околу два милиони евра до 2028 година. Претседателот на фондацијата „Биенале“, Пјетранџело Бутафуоко, пак, инсистира дека настанот останува „отворен за сите“. „Не исклучувам никого. Русија, Иран и Израел ќе учествуваат. Украина и Белорусија ќе учествуваат“, изјави тој. Членовите на групата „Пуси рајот“ го осуди руското вклучување и патуваат на Биеналето за да протестираат.
Контроверзии предизвика и учеството на Јужна Африка, Австралија, Израел. Јужноафриканската уметница Габриел Голијат требаше да ја претставува својата земја, но нејзиниот проект беше откажан по спор со министерот за култура, кој го оцени како „многу поларизирачки“. Земјата не именуваше замена, па павилјонот останува празен. Уметникот му оддава почит на палестинскиот поет Хиба Абу Нади, кој беше убиен во израелски воздушен напад во октомври 2023 година. Изложбата на Габриел Голијат сепак ќе биде прикажана на друга локација во Венеција, а уметникот веќе поднесе тужба против министерот.
Австралија, исто така, ја поништи својата одлука за отстранување на уметникот Халед Сабсаби по притисокот. Десничарските политичари го обвинија Сабсаби, кој е роден во Либан и се преселил во Австралија кога имал 12 години, за антисемитизам. Неговите дела често се занимаваат со трауматските искуства од граѓанската војна, како и со идентитетот на арапските имигранти и исламофобијата.
Речиси 200 учесници на Биеналето потпишаа отворено писмо со кое бараат исклучување на Израел. Второто писмо, потпишано од уметници од главната изложба, го проширува тоа барање и на други држави обвинети за воени злосторства, вклучувајќи ги Русија и САД. И покрај ова, израелскиот уметник Белу-Симион Фаинару планира да учествува, нагласувајќи дека не поддржува културни бојкоти и верува во дијалог. На претходното Биенале во 2024 година, уметницата Рут Патир го затвори израелскиот павилјон за јавноста на денот на отворањето, со порака дека ќе го отвори повторно дури по прекинот на огнот во Газа. Палестински национален павилјон досега не постоел, бидејќи учествуваат само земји официјално признаени од Италија. Помалку е контроверзна и германската изложба „Руин“, инспирирана од истражувањата за ГДР и периодот по обединувањето во 1990 година. Уметницата Хенрике Науман, која почина во февруари на 41-годишна возраст, ја заврши својата работа пред својата смрт…
Сиве овие примери покажуваат дека не само што Биеналето не е имуно на политиката туку дека напротив, станува арена за политички превирања.
И нашиот уметник, Велимир Жерновски, заедно со тимот од Музејот на современата уметност – Скопје што го организира македонското претставување на престижното 61. Биенале за уметност, преку проектот „Пиета во прекривките на ургентноста“ поставува прашање поттикнато од размислувања од онтолошка призма – што е она што нè тера да продолжиме, да станеме, да застанеме? Според него, овие прашања завршуваат со феноменот на љубовта, како што вели, „особено во овие злокобни времиња, кога повторно светот најавува пламена иднина. Не во човековите достигнувања, веќе во насока кон тотална деструкција“. Делото поттикнува нераскинливи релации со актуелните кризни состојби на ургентност. Преку оваа поетика на прекривање и преобразба на пиета, проектот гради нови етички рамки за сочувство со минорните, поединци и групи што се во постојана несигурност и егзил, мутирачки телесности и други симболички присутности…
Венециското биенале веќе 130 години е една од најпрестижните културни институции во светот. Историјата на Биеналето започнува од 1895 година, кога била организирана првата Меѓународна уметничка изложба. Интересно е дека кога зборуваме за Венециското биенале, зборуваме како за некој настан што трае само три дена или вкупно шест месеци. Но вистината е дека по завршувањето на Биеналето, лесните коктели, забави и незадолжително шетање од павилјон до павилјон, останува горчливото чувство дека со светот нешто длабоко не е во ред, и дека дури ни уметноста како движечка сила на човештвото, за жал, нема моќ да го промени тоа.

































