ОДБОЈКА – ВО ПРЕСРЕТ НА ЕВРОПСКАТА ЛИГА
- Репрезентацијата од денеска една седмица ќе тренира во Крушево, а од 13 мај се сели во Скопје, каде што ќе продолжи со темпирање на формата за годинашната Европска лига
Петмина интернационалци ќе го пропуштат денешниот почеток на подготовките за учеството во Европската лига, кој селекторот на машката репрезентација на Македонија, Јошко Миленкоски, го закажа напладне во хотелот „Монтана“ во Крушево.
На првата прозивка ќе недостигаат Владо Милев, Александар Љафтов, Никола Ѓоргиев, Филип Маџунков и Филип Савовски, како и еден од домашните одбојкари, Стојче Арсов, информира Одбојкарската федерација на Македонија (ОФМ).
Љафтов, Ѓоргиев и Савовски имаат обврски со своите клубови во националните првенства каде што играат во финалињата на плејофот. Милев, кој го освои бронзениот медал со Казинбарчика во Унгарија, утре се враќа во Македонија и доби неколку слободни дена од селекторот за одмор. Филип Маџунков, пак, е во финална фаза на рехабилитација од повреда и комплетно подготвен ќе се стави на располагање на репрезентацијата на 13 мај во Скопје. Стојче Арсов од приватни причини е ослободен и дополнително ќе ѝ се приклучи на екипата, пишува ОФМ.
Другите повикани одбојкари почнуваат со подготовките. Една седмица репрезентацијата ќе тренира во Крушево, а од 13 мај се сели во Скопје, каде што ќе продолжи со темпирање на формата за Европската лига. Македонија ќе ја има завршната проверка на формата со пријателските натпревари со Црна Гора, во периодот од 27 до 29 мај, во Подгорица. Од годинава, мечевите во Европската лига се и квалификациски за пласман на европско првенство, за шампионатот во 2028 година.
Машката репрезентација ќе го игра првиот турнир во годинашната Европска лига на домашен терен, во салата „Парк“, во Струмица, каде што на 5 јуни ја пречекува Холандија, а на 7 јуни игра со Луксембург. Н.М.

































