Приказната за Дејан Јосифовски – човекот што со својата мисија ја лекува Преспа
- Будењето на свеста кај локалното население секако е поттикнато и од кампањата „Преспа? Разбуди се за чиста средина“, која го става акцентот на подобрување на практиките за управување со отпадот, правилна селекција, намалување на штетните влијанија врз природата и поголема вклученост на локалната заедница
Луѓето што секојдневно се во контакт со природата најдобро ја забележуваат нејзината трансформација, особено онаа предизвикана од загадувањето. А речиси без исклучок, главен причинител на тоа загадување секогаш е човекот. Регионот на Преспа отсекогаш важел за ризница на природната посебност, на растенијата, на овошјата, на дивиот свет, на климата, на сето она што значи сопствен биодиверзитет, уникатен и различен од другите места во светот.
За жал, секаде каде што човекот ќе остави сопствен печат, особено во трката по профит, следува и неодговорниот однос кон природата. Тука на прво место е загадувањето, кое предизвикува непоправлива штета врз природната средина, штета што низ еден систем на врзани садови подоцна десеткратно му се одмаздува на човекот, особено врз неговото здравје.
Локални практики за справување со загадувањето
Во насока на подобро управување со отпадот, намалување на отпадот на местото на создавање и заштита на животната средина, во Преспанскиот Регион сè почесто почнуваат да се применуваат локални практики чија цел е отпадот да се сведе на минимум, а со тоа ризикот по животната средина да станува сè помал. Будењето на свеста кај локалното население секако е поттикнато и од кампањата „Преспа? Разбуди се за чиста средина“, која ја спроведува Институтот за комуникациски студии и која го става акцентот на подобрување на практиките за управување со отпадот, правилна селекција, намалување на штетните влијанија врз природата и поголема вклученост на локалната заедница.
Токму Преспанскиот Регион со години е жртва на несовесното третирање на отпадот, особено ако се има предвид фактот дека станува збор за земјоделски регион во кој несоодветното третирање на органскиот отпад, амбалажата и остатоците од производствениот процес во голема мера придонесува за степенот на загаденост.
Сепак, кај луѓето од овој регион се буди свеста дека создавањето и нетретирањето на отпадот всушност се на нивна штета, бидејќи природата што е во нивното непосредно опкружување е загадена, а тоа се одразува врз нивните производи, нивната заработка, но, најважно, врз нивното здравје.
Вљубениците во природата се првите што се соочуваат со човечката деструктивност
Нема поголеми борци за заштита на животната средина од оние што го користат секој слободен миг да го поминат токму во природата, да се соединат со неа и да пулсираат во ист ритам. Она што им ја нарушува таквата хармонична врска е соочувањето со неодговорниот однос на човекот, отпадот, депониите, органскиот отпад, пластичната амбалажа од разни вештачки ѓубрива, сè што ја дисторзира сликата на еден природен и чист амбиент.
Еден од тие љубители на природата и ентузијаст за нејзино зачувување од загадувањето е Дејан Јосифовски, човекот што ја има прочешлано секоја педа на Преспа, се има искачено на секоја планина во околината, секое ритче, човекот што го знае секое поточе, камче, дрво, птица во овој дел на земјата. Тој го користи секој слободен миг, без оглед дали е лето, пролет, есен или зима, да излезе надвор во природа и секое свое патешествие да го претвори во нова мисија за спас на мајката природа.
Јосифовски најдобро знае какви негативни чувства се будат во душата на секој авантурист и вљубеник во природата кога ќе се соочи со нејзино девастирање од човечки фактор. Свесен дека секоја акција започнува од поединец, Јосифовски тргнува од себе, со лични примери како се справува со отпадот на кој секојдневно налетува. Тој негов креативен пристап зема сè поголем замав, но, што е уште поинтересно, мотивира и други поединци да го следат неговиот пример. Така, иницијативата на поединец полека почнува да се претвора во колективна акција за спас на Преспа од загадувањето.
Нераскинлива врска што мотивира проактивност
Неговата врска со Преспа започнува од моментот на неговото раѓање, а трае и ден-денес.
– Невидливата нишка што ме врзува за Преспа се чувството дека тука припаѓам и спомените што не можат да се заменат, како детството поминато во природа, езерото, планината и луѓето што го прават овој регион посебен. Токму затоа, кога по долг пат ќе налетам на отпад наместо недопрена природа, чувството е разочарување, нешто за што навистина не можам да пронајдам вистински одговор и разбирање – зошто така да се уништува убавината на природата. И тоа не е само визуелен проблем – тоа е сигнал дека не сме доволно грижливи кон нешто што ни припаѓа на сите. Таквите моменти потсетуваат колку е важно секој од нас да преземе одговорност, затоа што природата што ја имаме денес е наследство што треба да го зачуваме за утре – вели Јосифовски.
Сега, тој е во постојана мисија да се бори против уништувачите на природата и да предводи еден нов пристап како да ѝ се стави крај на несовесноста кај луѓето.
– Мојата мисија не започна како голема одлука, туку како чувство дека таа глетка не е во ред. Долго време гледав отпад на места на кои треба да биде чиста природа и искрено, како и многумина, само поминував покрај тоа со горчина во душата. Но во еден момент сфатив дека ако сите продолжиме да го оттргнуваме погледот од оваа неубава слика и да одиме понатаму, ништо нема да се смени. Тој момент беше пресуден, одлуката беше едноставна, подобро е да направиш мал чекор и да дејствуваш отколку да чекаш некој друг да го реши проблемот и така започна сè – ги објаснува Јосифовски почетоците на својата мисија.
Фигурите се фузија на љубовта кон природата и одговорноста на човекот
Решеноста повеќе да не поминува немо покрај ѓубрето ја разбуди креативноста кај него, да го трансформира отпадот во нешто што на луѓето ќе им упати моќна порака.
– Фигурите што ги создавам од отпад го симболизираат токму тоа – дека она што го фрламе не исчезнува, туку останува дел од нашата околина, само во друга форма. На некој начин, тие се и глас на природата, ако не внимаваме, отпадот ќе стане „нормална“ слика во просторот каде што треба да има живот, чист воздух и мир. Јас голем дел од времето поминувам во природа – планинарам, возам велосипед и често готвам во природа. Затоа овие фигури се и мој начин да ја спојам таа љубов со одговорноста, да создадам нешто што ќе привлече внимание, ќе натера некој да застане, да се замисли и можеби следниот пат да не фрли отпад – раскажува Дејан.
Тој додава дека на своите патешествија низ Преспа се соочувал со отпад од најразличен тип, што, од друга страна, уште повеќе ги поттикнувало неговата креативност и желба уште погласно да крикне „Доста е!“
– Сум наоѓал делови од стари апарати, гуми, пластични столови, па дури и предмети како теписи, мебел или обувки оставени среде планина. Понекогаш изгледа апсурдно – како дел од нечиј дом да завршил таму каде што треба да има само тишина и чист воздух. На некој начин, секој таков предмет носи своја приказна – не само за тоа кој го фрлил туку и за тоа колку сме оддалечени од свеста дека природата не е место за отпад, туку простор што треба да го чуваме – потенцира Јосифовски.
На пат со својот велосипед, крстосувајќи низ Преспанскиот Регион, неговата активност не минува незабележано од другите, па дури и од оние несовесните, кои далеку од очите на другите сакале да се ослободат од отпадот оставајќи го во природата.
– Реакциите на луѓето се различни, но најчесто се движат помеѓу изненадување и замислување. Кога ќе видат уметничко дело направено од отпад, прво ги привлекува визуелно, а потоа почнуваат да се прашуваат од што е направено и како настанало. Не би рекол дека доминира чувство на срам, туку некаква тивка свесност, понекогаш има и срам, но ако остане само на тоа, нема голема промена. Многу е поважно кога таа реакција ќе премине во инспирација или барем во мала промена во однесувањето. Најубаво е кога луѓето ќе застанат, ќе размислат и ќе кажат „ова не треба да биде тука“ – затоа што токму тој момент е првиот чекор кон поголема одговорност – додава Јосифовски.

Едукација за поголема свесност
Тој смета дека кај луѓето постои свесност и истакнува дека земјоделците се свесни дека со загадувањето на почвата и водата, всушност, си ја „сечат гранката на која седат“. Но повторно, има некои на кои им е полесно да се ослободат од отпадот на поедноставен начин, фрлајќи го каде што ќе стигнат, отколку да најдат решение што би значело зачувување на природната средина.
– Мислам дека свесност постои, но не е секогаш на нивото на кое треба да биде. Поголемиот дел земјоделци знаат дека чистата почва и вода се основа за квалитетен род, затоа што од тоа директно зависи нивната егзистенција. Мислам дека има недоволна свесност за долгорочните последици. Затоа решението не е само во критика, туку во едукација, подобри услови и заедничка одговорност, затоа што и природата и земјоделството зависат едно од друго. Промените полека но сигурно се случуваат, мислам дека со повеќе организирани еколошки акции со поголема информираност и вклучување повеќе луѓе еколошката свест само ќе расте – нагласува Јосифовски.
Поединец што поттикнува стихија клучна за спасот на Преспа
Честопати луѓето помислуваат „што можам јас сам да направам против толкаво загадување“. Сепак, примерот на Дејан Јосифовски го тврди спротивното и преку она што го прави за заштитата на Преспанскиот Регион, тој испраќа моќна порака до оние што се скептични за моќта на поединецот.
– Вистината е дека секоја промена започнува од поединец. Не затоа што еден човек ќе го исчисти целиот отпад, туку затоа што ќе покаже дека може поинаку. Кога некој ќе види дека постои пример, дека некој застанал и направил нешто наместо само да помине покрај отпадот, тоа веќе ја менува перцепцијата, секој од нас има моќ да направи разлика.
Тоа е најсилниот момент од сè, кога ќе сфатиш дека веќе не си сам во приказната. Тоа не е гласна промена, туку тивка, но многу значајна. Кога некој ќе ти каже дека почнал да внимава повеќе или дека следниот пат зел ќеса со себе, тоа е чувство дека трудот има смисла – раскажува Јосифовски.
Преку фигурите што ги изработува од отпадот тој ѝ дава глас на Преспа за да каже што е она што ја уништува.
– Ако Преспа можеше да зборува преку овие фигури, мислам дека пораката ќе беше едноставна, но тешка – „чувајте ме како што јас ве чувам вас“. Преспа ни дава чист воздух, вода, храна, мир. Но, истовремено, преку отпадот што го оставаме, покажуваме колку лесно го забораваме тоа. На крајот, пораката би била јасна – не гледајте ја природата како нешто што постои покрај вас, туку како дел од вас. Затоа што начинот на кој се однесуваме кон неа е начинот на кој се однесуваме и кон сопствената иднина – заклучува Дејан Јосифовски, вљубеник во природата и човек што си поставил сопствена мисија да се бори за заштитата на Преспа.
(„Нова Македонија“ ја поддржува кампањата за управување со отпад „Преспа? Разбуди се за чиста средина“, која ја спроведува Институтот за комуникациски студии)

































