
- Алкалоид во пресрет на првенствата организираше камп за своите напредни ученици, за конечно да се заокружи циклусот за оваа учебна година со настапите на државните првенства
Изминатиов викенд во Скопје се одиграа поединечните државни првенства во шах во младинска конкуренција, кои во согласност со категоризацијата на ФИДЕ се играа според возрасни групи, односно за учесници до 8, 10, 12, 14, 16 и до 18 години, посебно за девојки и за момчиња.
ШК Алкалоид во пресрет на првенствата организираше камп за своите напредни ученици, за конечно да се заокружи циклусот за оваа учебна година со настапите на државните првенства. Оние што настапуваа во категориите до 16 и до 18 години се членови на ШК Мулти есенс, бидејќи младинскиот клуб веќе со успех настапува во првата лига на Македонија и најуспешните играчи на овој начин ќе бидат достапни на тренерите за настап и во сениорска конкуренција, пишува ШК Алкалоид.
Резултатски, најголем пробив јуниорите направија во кадетските конкуренции, па на тој начин го зголемија приносот на медалите.
– Одлични резултати за ШК Алкалоид на јуниорските шампионати на Македонија. Освоени се шест шампионски титули, една титула повеќе од лани, и вкупно 17 медали. Лично сум задоволен со резултатите на нашите јуниори. За нивната борбеност, пожртвуваност и посветеност немам ниту една забелешка. Голема пофалба до моите колеги тренери од ШК Алкалоид, кои цела година работеа напорно да пренесат знаење, мотивација и љубов кон играта. Бевме одлично организирани и сето тоа резултираше со една титула повеќе од лани. Позитивниот систематски пристап, работата и фокусот резултираат со врвни резултати. Продолжуваме со засилено темпо во иднина – изјави ИМ Дејан Стојановски.
Дино Ачкоски е најмладиот носител на златен медал од ШК Алкалоид во конкуренција до осум години, а во истата конкуренција кај девојчињата се освоени трите медали од Сониа Калпак (злато), Михаела Божиновска (сребрен) и Ина Новевски (бронзен). Калин Стаменковски освои сребрен медал во конкуренција на играчи до 10 години, додека Уна Цветковска и Ина Ѓорѓиевска во оваа старосна категорија освоија сребро и бронза.
Давид Атанасовски ги потврди резултатите што го истакнаа минатата година како нова надеж на македонскиот шах и во конкуренцијата до 12 години ги освои пехарот и златниот медал. Во оваа категорија тројца јуниори имаа идентичен број поени (5,5 од седум), при што Матеј Диванисов беше трет. Дина Панова го заокружи успехот во категориите до 12 години со златен медал кај девојчињата, а исто така и Илијана Велева го потврди својот континуитет со нов златен медал, овој пат во конкуренција до 14 години.
Андреј Иванов и Благоја Миновски ги освоија сребрениот и бронзениот медал во категоријата до 16 години, каде што дури шест припадници на младинската школа имаа еднакви шанси до финишот. Исидора Лукановска придодаде уште една бронза во конкуренција на девојчиња до 16 години. Речиси идентично беше и во категоријата до 18 години, каде што Никола Павлески се закити со сребрен медал, а Драги Јакимов со бронзен, додека во женска конкуренција Моника Жежовска го потврди златниот медал од минатата година.
Најуспешните ќе имаат можност да ја претставуваат нашата држава на светските или европските првенства за 2026 година, во своите категории, пишува во соопштението на ШК Алкалоид. Н.М.
































