Официјално започна со работа пазарот „ден однапред“ за електрична енергија во Македонија, што претставува значаен чекор кон модернизација и интеграција на енергетскиот сектор.
Директорот на МЕМО, Зоран Ѓорѓиевски, на отворањето порача дека со ова не се отвора само нов пазар, туку и нова енергетска перспектива за државата – перспектива што носи стабилност, доверба и развој.
На настанот присуствуваа премиерот Христијан Мицкоски, министерката за енергетика Сања Божиновска, како и претставници од регионалниот и европскиот енергетски сектор.
Ѓорѓиевски нагласи дека електричната енергија е специфичен производ кој се произведува и троши во ист момент, поради што системот мора постојано да биде во баланс. Според него, тоа бара висока координација, прецизност и јасни правила на функционирање.
– Пазарот „ден однапред“ е одговор на динамичните потреби на современото општество. Цената на организиран пазар не се одредува административно, туку преку понудата и побарувачката. Тоа е предуслов за ефикасен и одржлив енергетски систем – истакна тој.
Тој додаде дека јасниот ценовен сигнал е клучен за правилна распределба на ресурсите, управување со ризиците и носење инвестициски одлуки, особено во контекст на вложувањата во обновливи извори на енергија.
Во своето обраќање, директорот на МЕМО се осврна и на предизвиците, посочувајќи дека новите регулаторни механизми, како CBAM, можат да создадат дополнителни финансиски оптоварувања за домашните производители, особено за оние кои веќе инвестираат во зелена енергија.
– Македонија не е енергетски остров. Ние сме дел од европскиот енергетски систем и потребна ни е забрзана интеграција и отстранување на бариерите за слободна трговија – рече Ѓорѓиевски.
Тој информираше дека МЕМО го имплементирал пазарот во соработка со партнерите од ADEX, користејќи ја платформата М7 на Дојче Берза, и ја нагласи посветеноста на тимот кој стои зад проектот.
На крајот, порача дека ова не е крај, туку почеток на нова фаза на развој, со цел градење транспарентен, ефикасен и конкурентен пазар на електрична енергија.

































