При увидот во опожарениот објект „Пулс“ во Кочани, Јавното обвинителство пронашло повеќе предмети поврзани со пиротехнички средства. Меѓу нив се изгорен ресивер за активирање на пиротехника и црн ранец „Најк Џордан“, во кој имало пластично куферче со два ресивера, батерија од девет волти (Филипс) и кеса со неискористени пиротехнички средства, пренесе МИА.
Во рамки на доказната постапка, пред Судот бил презентиран фотоалбум со 92 фотографии, кои детално ја прикажуваат состојбата во објектот по пожарот. Фотографиите ја откриваат внатрешноста, поставеноста на бината, како и димензиите на вратите и малите прозорци со решетки во тоалетите.
Обвинителството посочи дека условите за движење и евакуација биле ограничени, што можело значително да влијае врз исходот од настанот. Дополнително, при увидот биле пронајдени и три празни противпожарни апарати.
– Над бината е нотирано дека имало метални конструкции и конзоли поставени на висина измерено растојание од бината до плафонот од 2,7 метри, што укажува на мала оддалеченост меѓу сценскиот дел и горните елементи – беше посочено од страна на застапникот на обвинението.
Била презентирана и неоштетена пиротехничка фонтана на која во самата спецификација бил наведен дометот при прскање. којшто бил поголем од растојанието помеѓу бината и плафонот.
– Констатирано е присуство на горливи и изолациони материјали (стиропор, первол, гипс картон, дрвени елементи) кои придонеле за брзо ширење на пожарот. Утврдени се ограничувачки и небезбедни услови за движење и евакуација, при што се наведени преградна двокрилна врата, алуминиумска, како и странична врата без квака со заклучена брава, метални алки и катанец во заклучена положба – беше посочено од страна на јавниот обвинител.
Во записникот, додаде, е констатирано дека пожарот настанал како последица на употреба на пиротехнички средства од страна на групата ДНК, додека со направената скица од увид е даден графички приказ за достапноста на објектот и неговата непосредна околина.
Беше наведено дека сунѓерот бил набавен непосредно пред почетокот со работа на клубот во 2012 година, при што е утврдено дека станува збор за горлив материјал кој при согорување создава жешки капки. Според вештачењето на микротраги, вакви траги биле пронајдени и кај дел од починатите, меѓу кои и на јакната на пејачот Андреја Ѓорѓиевски, каде се евидентирани капки крв поврзани со дејството на материјалот.
Изведувањето на овие материјални докази доаѓа по тензичниот вовед на денешното рочиште, на кое адвокатите на одбраната отворено го оспорија вештачењето на Институтот за судска медицина. Пред почетокот на доказната постапка на Обвинителството, одбраната тврдеше дека дел од предложените докази се компромитирачки и побара нивно изземање. Барањата за вкрстено испитување на дополнителни вешти лица и ангажирање технички советници од страна на одбраната, беа одбиени од Судот како неосновани, додека Обвинителството ваквите реакции ги оцени како тактичка алатка за одолжување на судската постапка.

































