Во издание на „Перун Артис“ излезе од печат изборот драми на современиот ирски драматичар Енда Волш под наслов „Диско свињи и други драми“ каде што се поместени култната драма „Диско свињи“, „Пенелопа“, едно современо видување на митот за верната Пенелопа и несреќата на нејзините просци, и „Лек“, една од неговите најнови драми посветена на траумата од ковид-пандемијата. Енда Волш во својата „Пенелопа“ вели:
„Градови исчезнуваат во предели, а потоа во море, а морето во нови земји и луѓето добиваат живот каде што можноста, каде што слободата оживува преку едноставноста на будењето, седнувањето во кревет и просто, постоењето во светот. Можеш ли да го замислиш тој живот?“
Говорејќи со јазикот на погубноста и безидејноста, Енда Волш нѐ потсетува на она што всушност на уште поостар начин нѐ потсетуваше половина век пред него неговиот сонародник Семјуел Бекет, а тоа е: смртта како конечна дестинација за сите што нема да ја сфатат вртоглавицата на современите движења на цивилизацијата, која веќе залудно со векови го најавува своето скончание.
Енда Волш е драматург и сценарист што се прослави кога ги освои и наградата „Џорџ Девајн“ и наградата „Стјуарт Паркер“ во 1997 година со својата драма „Диско свињи“. Во 2007 и 2008 година, Енда ги освои наградите „Фринџ“ на два последователни фестивала во Единбург за своите драми „Волворт фарса“ и „Новата електрична балска сала“. Првата го наведе „Гардијан“ да го нарече „еден од најблескавите мајстори на зборот во современиот театар“. Во 2011 година „Еднаш“, адаптацијата на Енда на филмот на Џон Карни, беше поставена на „Оф-Бродвеј“. По одличниот прием од критиката, во 2012 година се пресели на „Бродвеј“, каде што освои осум награди „Тони“, вклучувајќи ја и наградата за најдобра драматизација за Енда. Тој работеше и на мјузиклот „Лазарус“ со Дејвид Боуви, кој премиерно беше изведен во „Њујорк тиатар воркшоп“ во декември 2015 година, а потоа се пресели во „Кингс крос тиатар“ во Лондон во ноември 2016 година.
Изборот драми на Енда Волш е достапен во сите поголеми книжарници во Скопје, како и во Битола. Изданието е поддржано од Ирската фондација за книжевност, а преводот на драмите од англиски јазик е на Билјана Китановска.

































