Забележлив технолошки и инфраструктурен развој на рурална Кина

 

Разликите меѓу рурална и урбана Кина се многу интересни, особено ако се земе примерот со селата околу Ченгду во провинцијата Сечуан. Кина денес има огромни, ултрамодерни градови, но и села каде што животот сè уште е тесно поврзан со земјоделството, кое е многу важно за локалната економија. Животот во големите градови како Шангај, Пекинг, Шензен или Ченгду значително се разликува од оној во традиционалните села. Но изненадувачки е што и руралните области низ земјата се многу развиени и бележат неверојатен подем. Рурална Кина повеќе не значи нужно „сиромашно село без инфраструктура“, тоа е старата слика, која денес најчесто не е точна.
Многу села денес имаат асфалтирани патишта, интернет и мобилна мрежа, модерни земјоделски машини, нови куќи, локални клиники, продавници и ресторани, испорака на производи преку интернет; туристички и земјоделски проекти. Но разликата е во густината и можностите. Во градот човек може да има десетици различни работни места во непосредна близина. Во селото можностите се многу поограничени.

Рурална ревитализација – обновување и модернизирање на кинеските села

Една од најголемите промени во современа Кина е движењето село-град. Млади луѓе од руралните области често одат во големи градови за: образование, работа, повисока плата, подобар животен стандард, но постои и обратен тренд. Кинеските власти и локалните заедници вложуваат во „рурална ревитализација – обновување и модернизирање на руралните области“. Затоа денес може да се забележи нешто многу интересно: старо село со традиционални куќи, а веднаш до него современа земјоделска лабораторија, кафуле, интернет-продавница или туристички центар.
Токму таков е примерот со селото Гаошан, во близината на Ченгду во провинцијата Сечуан, каде што локалните производи, како разни видови органска храна, можат да се претворат во нови производи, брендови, туристички атракции и да се рашири нивната онлајн продажба. Овој дел од Сечуан е познат по плодната рамнина и развиеното земјоделство. Селото Гаошан традиционално било земјоделско подрачје, со големи површини обработливо земјиште. Она што е особено интересно е што селото во последните години се менува од традиционално земјоделско село во центар за современо и експериментално земјоделство.
Идејата е младите да можат да се вратат на село, да започнат сопствени бизниси и да ги поврзат традиционалните производи со современиот пазар. Во селото се тестираат нови сорти и земјоделски технологии, а создадено е и современо кафуле на отворено среде оризовите полиња, кое служи органски типови храна, додека во исто време на големо филмско платно, среде полето, можете да гледате филм.

Кафето со лук од Гаошан стана хит

Сепак, една од најинтересните приказни од Гаошан е поврзана со лукот. На многумина помислата на кафе со лук им е невообичаена, но едно мало селско кафуле во околината на Ченгду, провинцијата Сечуан, се осмели да ги спои двете неверојатни состојки со изненадувачки резултати. Имено, тука е создаден еден особено необичен производ – кафе од лук, во кое се користи печен/ароматизиран лук како дел од концептот. Според извештај објавен во јули 2026 година, производот во претходната година бил продаден во повеќе од 90.000 чаши, со приходи над 1,7 милион јуани (околу 218 илјади евра). Тоа е интересен пример како едно традиционално земјоделско село се обидува да создаде нови производи од локалните земјоделски култури.
Кафето со лук стана популарен пијалак. Мириса на лук, но нема изразен вкус на лук, а вкусот е подобар отколку што може да се очекува. Комбинира локален лук со еспресо. Цената му е 25 јуани (околу три евра) по шолја. Овој производ е замислен од локални рурални оператори за да се поттикне руралниот туризам. Даи Чао е еден од креаторите на кафето со вкус на лук. Тој е генерален директор на „Ченгду модел јут тенолоџи“. Тој успеал да ја зголеми продажбата на овој необичен пијалак благодарение на неколку објави на интернет, кои ги привлекоа љубопитните. Популарноста на кафето им го привлече вниманието и на инвеститорите од целата земја, вклучувајќи ги оние од Ченгду, Чонгкинг и од Пекинг.
Кафето со лук се прави со мешање кафе со десулфуризиран екстракт од лук, а потоа се попрскува тенок слој од десулфуриран лук во прав на површината. Сулфидите во лукот го произведуваат долготрајниот лут мирис што одвраќа многу луѓе да уживаат во него. Но се користат специјализирани техники за отстранување на овие сулфиди додека во исто време се зачувува нивната ароматична суштина. Екстрактот од лук е богат со алицин, кој е познат по неговите својства против стареењето и антиоксидантните придобивки, што го прави кафето со лук здрав пијалак. Од неговото деби на пазарот во октомври 2023 година, над 70.000 шолји кафе со лук се продадени на две фиксни локации и едно мобилно продажно возило. Во иднина се планира да се лансираат пет нови производи од кафе, кои ќе вклучуваат земјоделски производи што се сезонски.
Ова кафе денес привлекува толку многу туристи во селото што ефективно се стимулира локалниот туризам и се зголемува продажбата на тамошните земјоделски производи. Успехот на производот, исто така, привлече некои млади луѓе назад во селото за да одгледуваат лук и повеќе претприемачи да започнат свои бизниси токму тука.

Фото: „Нова Македонија“