- Името на фестивалот е инспирирано од Итар Пејо, кој е еден од најпрепознатливите ликови во македонското народно творештво и симбол на прилепската итрост и мудрост, снаодливост и ведар дух
Во Прилеп се одржува првиот фестивал „Итар Пејо“, вчера и денеска, на кој ќе има многу смеа и музика, ќе се одржат традицијата, народната мисла и сатирата. Фестивалот „Итар Пејо“, велат организаторите, ќе донесе богата културна програма, со учество на фолклорни ансамбли од Македонија, Полска и од Словачка.
– Двата дена ќе бидат исполнети со смеа, музика, ора, дружење и средби. Фестивалот „Итар Пејо“ е нова меѓународна културна приказна со која ќе се слави традицијата што поврзува земји, повеќе ансамбли на една сцена – вели Горан Василески, претседател на КУД „Мирче Ацев“, кое е организатор на фестивалот, под покровителство на НУЦК „Марко Цепенков“ и Општина Прилеп.
Фестивалот е замислен како средба на различни култури и генерации, со што преку музиката, танцот, хуморот и народната мисла ќе биде прикажано богатството на европското и македонското културно наследство.
– Прилепската публика ќе има можност на едно место да ги види препознатливите традиции на трите земји и да ужива во настапи исполнети со енергија, автентичност и колорит – објаснува Василески.
Специјални гости на фестивалот ќе бидат културно-уметнички ансамбли од Полска и Словачка, кои вечерва од 19 часот, заедно со македонските учесници, во големата сала од ЦК „Марко Цепенков“, ќе се претстават со традиционални танци, музика и народни носии карактеристични за нивните земји.
– Гостувањето на групите од Полска и од Словачка е можност прилепската публика одблизу да ги запознае нивните култури, но и можност младите игроорци од различни земји да се дружат, да разменуваат искуства и да создадат пријателства што ги надминуваат границите – потенцира Василески.
На фестивалската сцена ќе настапат и македонски културно-уметнички друштва, кои ќе го претстават богатството на македонскиот фолклор преку ора, песни и носии од различни краишта на земјата. Со нивните настапи, публиката ќе може да ја почувствува разновидноста на македонската традиција и нејзината вредност како дел од нашиот национален идентитет.
Фестивалската програма нема да биде ограничена само на сценските настапи. Во текот на престојот, гостите ќе имаат можност да ги запознаат Прилеп, неговите знаменитости, историјата и гостопримството на прилепчани.
– Во рамките на фестивалот ќе се одржат детска работилница на Могилата на непобедените и во Центарот за култура. Еден од највпечатливите моменти ќе биде фестивалското дефиле низ градот. Учесниците, облечени во традиционални народни носии, ќе ги исполнат прилепските улици со музика, игра и позитивна енергија, создавајќи вистински празник за граѓаните и посетителите – додава Василески, притоа потенцирајќи дека името на фестивалот е инспирирано од Итар Пејо, кој е еден од најпрепознатливите ликови во македонското народно творештво и симбол на прилепската итрост и мудрост, снаодливост и ведар дух. Ка.М.

































