Фото: Влада

Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека проблемот со откупот на пиперката е надминат и дека тој веќе неколку дена се одвива според очекувањата.

Одговарајќи на новинарско прашање по отворањето на новата спортска сала во ООУ „Круме Кепески“ во Општина Кисела Вода, Мицкоски рече дека, според информациите што ги добил од министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, биле водени разговори меѓу засегнатите страни.

– Од она за што сум информиран од министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, се водеа разговори. Но, она што ми беше многу чудно од брифинзите што ги добив од министерот е фактот дека и ние ги поддржуваме земјоделците во барањето повисоки цени. Кога им рековме: „Ајде заедно да протестираме кај откупувачите, знаеме кои се трите-четирите најголеми откупувачи“, тие рекоа: „Не, зошто да протестираме, тоа нам не ни одговара“. Ако тоа не ви одговара, тогаш Владата не откупува – рече Мицкоски.

Тој нагласи дека Владата ги поддржува барањата на земјоделците за повисоки откупни цени и смета дека нивниот труд е потценет од откупувачите.

– Ние ве поддржуваме. Сакаме да имате повисока цена за вашиот род, заслужувате и треба да имате повисока цена. Вашиот род е потценет од откупувачите. Ајде сите заедно да протестираме во откупните центри. Тогаш наеднаш се постигна договор, сите се договорија и се затвори целата приказна. Добро е што сега сите се задоволни и што откупот веќе неколку дена тече онака како што очекувавме – изјави премиерот.