Фото: МИА

Уставниот суд на Република Македонија на денешната седница донесе повеќе одлуки поврзани со уставноста и законитоста на одредени прописи.

Судот ја отфрли иницијативата за оценување на уставноста на одредби од Законот за пензиско и инвалидско осигурување, поднесена од Илија Ивановски од Србија. Во иницијативата се тврдеше дека спорните членови го ставаат подносителот во нееднаква и дискриминирачка положба во однос на пензионери кои живеат во државата, бидејќи правото на пензија му се ограничува врз основа на местото на живеење.

Истовремено, Судот поведе постапка за оценување на уставноста на дел од Закон за заштита на децата, конкретно одредбата „родено на територијата на Република Македонија“. Иницијативата, поднесена од Кирил Михајлоски, укажува дека овој услов ги става во понеповолна положба децата родени во странство, иако нивните родители се државјани на државата.

Судот поведе постапка и за оценување на уставноста и законитоста на член 3 од уредбата поврзана со проектот „регулаторна гилотина“.

Од друга страна, не беше поведена постапка за член 74 од Правилник за имунопрофилакса и хемиопрофилакса, како ниту за член 7 од Статутот на Институт на сметководители и овластени сметководители на Република Северна Македонија.

Иницијативите што се однесуваат на измените на Законот за градење беа повлечени од дневниот ред за дополнително разгледување и утврдување на околностите.