Фото: Нова Македонија

Основно јавно обвинителство Скопје побара поведување подготвителна постапка против четири малолетнички осомничени за насилство врз 13-годишно девојче во скопската населба Ѓорче Петров.

Како што информираат од обвинителството, јавен обвинител од Одделението за малолетници доставил барање до судија за деца во Основен кривичен суд Скопје, поради основано сомнение дека малолетничките сториле кривично дело „Насилство“ согласно член 386 од Кривичниот законик.

Станува збор за една 17-годишна и три 14-годишни девојчиња, кои во два одвоени случаи учествувале во физичко насилство врз малолетната жртва. Постапката се води согласно Законот за правда за децата.

Со оглед на тежината и начинот на извршување на делото, обвинителството предложило и определување мерки на претпазливост за осомничените.

Паралелно, во врска со истиот случај, поднесени се и шест кривични пријави за делото „Запуштање и малтретирање дете“ против родители на малолетниците. Според обвинителството, тие ја занемариле својата должност за грижа и воспитување, што довело до тоа нивните деца да извршат насилство врз 13-годишното девојче.

Пријавите се во постапка и се преземаат дејствија за обезбедување докази и утврдување на фактите.