Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека „Проектот Слобода“ (Project Freedom), иницијативата за обезбедување пловидба низ Ормускиот Теснец, ќе биде паузирана „на краток временски период“ за да се види дали може да се финализира и потпише договор со Иран.
Од почетокот на судирите меѓу САД, Израел и Иран на крајот на февруари, Техеран практично ја запре пловидбата низ Ормускиот Теснец преку закани и напади, додека Вашингтон воведе поморска блокада за бродовите што влегуваат или излегуваат од иранските пристаништа.
Во објава на платформата Truth Social, Трамп наведе дека „иако блокадата ќе остане во полна сила и ефект, „Проектот Слобода“, движењето на бродови низ Ормускиот Теснец, ќе биде паузиран на краток период за да се види дали договорот може да биде финализиран и потпишан“.
Тој посочи дека одлуката е донесена „врз основа на барањето на Пакистан и други земји, огромниот воен успех што го имавме за време на кампањата против Иран и фактот дека е постигнат голем напредок кон целосен и конечен договор со претставниците на Иран“.
Преговорите меѓу Иран и САД за претворање на сегашното примирје во траен договор остануваат во застој поради длабоките несогласувања околу нуклеарната програма на Техеран и контролата врз Ормускиот Теснец. Пред конфликтот, низ теснецот поминуваше околу една петтина од светската трговија со нафта и течен природен гас.
САД во понеделникот ја започнаа иницијативата за помош на заглавените бродови да поминат низ Ормускиот Теснец. Според Вашингтон, Иран одговорил со неколку напади, меѓу кои и врз американските сили што се обидувале да ја обноват комерцијалната пловидба.
Одлуката на Трамп, според ДПА, доаѓа неочекувано. Само неколку часа претходно, американскиот секретар за одбрана Пит Хегсет и државниот секретар Марко Рубио ја промовираа новата американска иницијатива пред новинарите.
Рубио изјави дека американската воена операција против Иран, наречена „Епски бес“ (Epic Fury), е завршена и дека Вашингтон сега преминува на „Проектот Слобода“.
– Операцијата е завршена. „Епски бес“, како што претседателот го извести Конгресот, заврши во таа фаза – изјави Рубио на прес-конференција во Белата куќа, додавајќи дека САД ги постигнале целите на операцијата.

































