Шпанија му дозволи на крузерот „Хондиус“ да се закотви на Канарските Острови, откако на бродот беа регистрирани случаи на хантавирус и три смртни случаи. Здравствените власти истражуваат дали на бродот се случило пренесување на вирусот од човек на човек.
Одлуката е донесена во координација со Светската здравствена организација (СЗО) и Европската Унија, во согласност со меѓународното право и хуманитарните принципи, соопшти шпанското Министерство за здравство, пренесе ДПА.
Крузерот „Хондиус“, со околу 150 патници и членови на екипажот, испловил од јужна Аргентина и моментално е закотвен кај Зеленортските Острови.
Европскиот центар за превенција и контрола на болести (ECDC) спроведува проценка за да утврди кои лица треба итно да бидат евакуирани од Зеленортските Острови, соопшти шпанското министерство. Останатите патници и членови на екипажот треба со крузерот да отпатуваат до Канарските Острови, каде што се очекува да пристигнат за три до четири дена.
Според СЗО, Зеленортските Острови, мала островска држава во близина на западниот брег на Африка, немаат капацитет самостојно да ја спроведат операцијата. Поради тоа, Канарските Острови биле најблиската локација способна да обезбеди соодветна помош. Шпанското министерство наведе дека земјата има морална и законска обврска да им помогне на луѓето на бродот, меѓу кои има и неколку шпански државјани.
Мадрид се согласи и лекарот на „Хондиус“, кој е во критична состојба, да биде пренесен со авион на Канарските Острови.
Сè уште не е одредено во кое пристаниште ќе пристигне бродот. По пристигнувањето, патниците и екипажот ќе бидат медицински прегледани, ќе им биде обезбедена здравствена нега доколку е потребно, а потоа ќе бидат вратени во своите матични земји, се наведува во соопштението на министерството.

































