Фото: Маја Јаневска-Илиева

Премиерот Христијан Мицкоски очекува инфлацијата во земјава да се движи во рамки на вредностите кои се забележуваат кај другите европски земји, но напомена деке е важно да се види како таа ќе се движи на месечно ниво за основните прехранбени производи. Тој денеска истакна дека според активностите што ги преземаат со Државниот пазарен инспекторат не очекува месечната инфлација за основните прехранбени продукти да биде поголема од еден процет во споредба со март.

– Ги следам трендовите во Европа, гледам има голем раст на инфлацијата во април во еврозоната, очекувам тоа да се случи и кај нас од проста причина што во април минатата година се уште имавме велигденска кошничка. Следам кај нашиот источен сосед инфлацијата е над шест проценти, Хрватска е некаде меѓу 5,5 и шест проценти, кај јужниот сосед е околу 4,5 до пет проценти, така што очекувам во тие рамки да биде и кај нас, но важно е да се види како ќе се движи месечната инфлација за основните прехранбени производи споредено со март. Она што го правиме со ДПИ, не очекувам таа да биде поголема од еден процент, месечната во однос на март. Добро е работите побрзо да се стабилизираат, да заврши конфликтот во Иран, да се отвори Теснецот, за да можеме и во рамките на глобалните случувања да имаме поголема предвидливост – одговори Мицкоски на прашањето дали очекува раст на инфлацијата кај нас имајќи ги предвид движењата во еврозоната, пренесе МИА.

Според податоците на Европската централна банка, инфлацијата во еврозоната ќе се зголеми на 2,7 проценти во просек оваа година, но ќе се врати блиску до целта од два процента на ЕЦБ веќе следната година, според кварталното истражување на професионалните прогнозери на институцијата.

Според податоците на Државниот завод за статистика, инфлацијата мерена преку индексот на трошоците на животот во март 2026 година, во однос на февруари 2026 година, изнесува 0.7 отсто.

Резултатите од анкетата на Народна банка, спроведена во март меѓу економските аналитичари, покажува дека инфлацијата во земјава се очекува да достигне просечно ниво од 3,6 проценти во 2026 година, пред да се намали на околу 3 проценти во 2027 година.