Дежурен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје изврши увид на местото на несреќата во скопската општина Кисела Вода, каде при одрон на градилиште загина еден работник, а тројца се повредени.
Обвинителот издал наредба за обдукција на починатиот, со цел да се утврдат точните причини за смртта.
Од Обвинителството информираат дека во тек е истрага за причините за несреќата, како и за тоа дали биле почитувани прописите за заштита при работа. Во постапката се вклучени и Државниот инспекторат за труд, како и општински градежен инспектор.
Претходно, шефот на смена во Итната медицинска помош – Скопје, Драган Панов, изјави дека според првичните информации, настраданите се на возраст меѓу 35 и 45 години. Сепак, како што посочи, официјалниот увид ќе ги утврди точните околности на несреќата.
Според првичните податоци, починатиот работник имал 34 години.


































