Фото: Маја Јаневска-Илиева / Илустрација

Основниот кривичен суд Скопје соопшти дека на 9 април 2026 година, постапувајќи по предлог на надлежното обвинителство, донел решение за определување мерка притвор во траење од 30 дена за лицето Г.А.А., вработен како судски полицаец во Судот.

Притворот е изречен поради основано сомневање дека сторил кривично дело „примање награда за противзаконито влијание“, при што судот оценил дека постои опасност од бегство, како и можност за влијание врз сведоци и докази. Од Судот информираат дека против ова решение не е поднесена жалба и истото е правосилно.

Во однос на второосомничениот Ф.Џ., вработен како доставувач во Судот, обвинителството побарало исто така мерка притвор поради сомневање за помагање во извршување на истото кривично дело. Сепак, Судот не го прифатил предлогот и на 22 април 2026 година му определил мерка куќен притвор во траење од 30 дена.

Куќниот притвор е изречен поради постоење основано сомневање и ризик од бегство, како и можност за влијание врз сведоци и докази. За оваа одлука, јавниот обвинител поднел жалба до кривичниот совет на Судот.

Од Основниот кривичен суд Скопје посочуваат дека, и покрај тоа што двајцата осомничени се нивни вработени, Судот постапувал по предметот бидејќи станува збор за кривично дело од надлежност на Одделението за организиран криминал и корупција, а согласно судската пракса, не постојат услови за изземање.

Според наводите, сомневањата се однесуваат на посредување пред Апелациониот суд Скопје и Врховниот суд во врска со предмет во кој Основниот кривичен суд Скопје претходно донел пресуда со казна затвор од една година за кривично дело поврзано со неовластено производство и трговија со оружје.