Фото: МИА

На денешното рочиште во Кривичниот суд во Скопје, во судскиот процес против апелацискиот судија Ѓоко Ристов, сведочеше таткото на неговата сопруга, кој одговараше на прашања на одбраната за купопродажбата на стан во Скопје.

Сведокот посочи дека станот има површина од околу 150 квадратни метри и вреди приближно 140.000 евра. Според неговото сведочење, на семејна средба било договорено двете семејства да учествуваат подеднакво во финансирањето на недвижноста, пренесе МИА.

– На семејна средба се договоривме заеднички да учествуваме во финансирањето на станот, пола-пола да учествуваат двете страни – изјави сведокот.

Тој рече дека тој и неговата сопруга обезбедиле 70.000 евра, односно половина од договорената сума, и учествувале во опремувањето на станот на нивната ќерка. Дополнително, посочи дека со нотарски заверена изјава било предвидено станот во иднина да биде впишан на името на неговиот внук, кој го носи неговото име.

На рочиштето сведочеше и Емилио Фришчиќ, вешто лице за испитување спорни документи, ракописи и потписи. Во однос на изготвениот наод, тој рече дека останува на содржината наведена во записниците.

Вештакот објасни дека при директен допир на кожата со хартија може да останат епителни клетки што би можеле да бидат предмет на ДНК-вештачење. Од друга страна, доколку лицето носи ракавици и избегнува директен контакт со хартијата, такви траги може да нема.

Според информациите со кои располагал, автор на рачно испишаните белешки на три ливчиња пронајдени меѓу банкнотите била мајката на Ристов. На прашање од одбраната за местото на пронаоѓање на парите, вештакот одговори дека, според материјалите доставени во дигитална форма, тие биле пронајдени при претрес.

Според соопштението на Јавното обвинителство од 17 април, при претрес на 18 јануари 2026 година во домот на родителите на судијата во Неготино биле пронајдени вкупно 350.000 евра за кои, според обвинителството, немало докази за потеклото и не биле пријавени.

Парите биле спакувани во 13 одделни пакувања, со вкупно 610 банкноти од по 500 евра и 225 банкноти од по 200 евра. Дел од банкнотите имале рачно испишани износи, а парите биле сокриени во заѕидан простор, во шуплините на циглите во ѕидот на една од собите.

Обвинителството наведува дека постои сомнение оти Ристов, во својство на службено лице и судија во Апелациониот суд Скопје, од 10 февруари 2020 година давал лажни податоци за својата имотна состојба и имотот на семејството или не пријавувал имот што значително ги надминувал неговите законски приходи.

Врз основа на обезбедените докази, Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција поднело обвинение за кривичните дела противправно стекнување и прикривање имот, од член 359-а, и перење пари и други приноси од казниво дело, од член 273 од Кривичниот законик.

Судскиот процес го води судијката Билјана Коцевска. Следното рочиште е закажано за 3 ноември.

Постапката е во тек, а наводите на обвинителството претставуваат обвинителни тврдења за кои судот треба да донесе одлука.