Фото: МВР

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски изјави дека безбедносната реалност во регионот значително се променила, при што организираниот криминал, трговијата со дрога и тероризмот сè почесто се испреплетуваат и функционираат како единствена хибридна закана.

Како што соопшти МВР, Тошковски ова го истакнал на министерскиот состанок на Акаба процес, посветен на борбата против организираниот криминал и тероризмот на Балканот, кој се одржа во Атина.

Говорејќи на сесијата за идентификување на заканите, тој нагласил дека криминалот и тероризмот повеќе не можат да се третираат одвоено.

– Тие се дел од ист механизам кој користи заеднички канали, финансии и логистика и бара координиран одговор од сите држави – истакнал Тошковски.

Тој потенцирал дека заканите се транснационални и ја поврзуваат безбедноста на државите, поради што е неопходно зајакнување на регионалната и меѓународната соработка, размената на информации и координацијата меѓу безбедносните и разузнавачките служби.

Министерот се осврнал и на конкретните предизвици во регионот, како злоупотребата на транспортните коридори, неформалните економски текови, корупцијата и влијанието на новите технологии кои им овозможуваат полесно делување на криминалните и екстремистичките мрежи.

Во рамки на посетата, Тошковски остварил билатерална средба со Михалис Крисохоидис, при што биле потврдени добрите односи меѓу двете земји и подготвеноста за нивно унапредување.

На средбата бил ставен акцент на соработката во борбата против организираниот криминал, трговијата со дрога и нелегалната миграција, како и на подобрување на размената на информации и оперативната координација.

Дополнително, министрите разговарале за предизвиците од имплементацијата на системот за влез/излез на ЕУ, со фокус на намалување на времето на чекање на граничните премини пред туристичката сезона.

Било разговарано и за усогласување на билатералниот договор за соработка во борбата против криминалот, како и за протоколот за реадмисија, со цел подобрување на процедурите за враќање на лица кои нелегално престојуваат.

Двајцата министри ја потврдиле заедничката определба за продлабочување на соработката и зајакнување на регионалната безбедност, а на покана на Тошковски, Крисохоидис најавил посета на Македонија.