Фото: Принтскрин

Претседателката Гордана Силјановска Давкова изјави дека измените на Законот за Владата кои се однесуваат на техничката влада ги смета за неуставни, како во моментот кога биле донесени, така и денес. Таа ја поддржува иницијативата за нивно укинување од следните избори, но нагласува дека за тоа е неопходен политички дијалог.

– Во самиот закон стои дека техничката влада требало да функционира во 2016 година, но нејзиното постоење беше продолжено. Технички влади постојат, но тие се експертски, а не политички. Кај нас, наместо техничка, имаме политичка влада која треба да гарантира фер избори – изјави претседателката.

Таа посочи дека ќе го потпише указот за законот, но смета дека, како и при неговото донесување, потребна е јавна дебата за да се согледаат добрите и лошите страни.

Според неа, можноста двојно државјанство не треба да се ограничува само на пратениците, туку и на други носители на високи функции, како претседателот на државата и министрите.

– Уставот гарантира македонско државјанство и дозволува двојно државјанство, но постои можност за негово ограничување за одредени функции. Такви решенија веќе постојат, на пример за амбасадорите или директорот на АНБ – истакна Силјановска Давкова.

Таа смета дека со соодветни законски измени може да се предвиди лицата кои стапуваат на високи државни функции да немаат двојно државјанство во моментот на преземање на функцијата.

– Тоа не значи укинување на правото на двојно државјанство, туку ограничување за конкретни функции. Доколку некој имал двојно државјанство, со стапување на функцијата тоа треба да престане – додаде претседателката.

Изјавата Силјановска Давкова ја даде во Собранието, на конференцијата на претседатели на парламенти на Јадранско-јонската иницијатива.