Подготовките за спроведување на државната матура се во завршна фаза, изјави министерката за образование и наука Весна Јаневска.
Таа посочи дека останува да се комплетира ангажманот на набљудувачите и тестаторите, по што ќе се пристапи кон реализација на матурата според ланскиот модел.
– Очекуваме процесот да помине без проблеми. Минатата година матурантите постигнаа подобри резултати во споредба со претходно, а се надеваме и на помала употреба на недозволени средства – изјави Јаневска, одговарајќи на новинарски прашања во Штип.
Таа нагласи дека контролите за време на полагањето се утврдени со процедури, но клучен фактор останува интегритетот на сите вклучени во процесот.
Изјавата беше дадена при означувањето на почетокот на функционирањето на Центарот за сајбер безбедност во рамки на Универзитет „Гоце Делчев“.
Министерката информираше и дека се зголемува бројот на училишта кои воведуваат едносменска настава, како и на оние што се оптимизираат.
– Во средините со поголем број ученици се уште се работи на проширување на капацитетите. Последното училиште што го посетив, кое од септември ќе премине на едносменска настава, е во Ѓорче Петров – рече Јаневска.
Таа додаде дека досега околу 200 училишта во државата веќе преминале на едносменска настава.
































